ОК „Струмица жени“ од Струмица е клуб формиран во 2019 година по иницијатива на истакнати одбојкарски работници, тренери и одбојкарки со богато домашно и меѓународно искуство. Основната цел на клубот е со точно дефинирана стратегија да се негува, популаризира и омасовува одбојката во Струмица и Македонија.
Клубот е редовен учесник во завршниците на националното првенство во Првата лига жени, а играше и полуфинале во Купот на ОФМ 2021. Најуспешна клупска сезона е 2023/2024, кога Струмица жени ја освои куп-титулата, а играше и во финалето на првенствениот плеј-оф.
Главниот фокус и стратегијата на клубот, покрај квалитетните континуирани настапи во националното првенство и Куп, е вложување во младинските категории, откривањето и правилното насочување на младите таленти. Примарна мисија е создавање квалитетни услови за тренинг и стручна работа преку кои ќе градат врвни одбојкарки и идни репрезентативки кои со гордост ќе го претставуваат клубот и националниот тим.