Во 1969 година е формиран одбојкарски клуб под името „Брегалница“, кој од 1970 година настапува како ОК „Младост“ во Македонската одбојкарска лига. Во седумдесеттите години клубот бележи значителен напредок, а во сезоната 1976/77 обезбедува пласман во Втората сојузна лига на Југославија, а во сезоната 1984/85 го освојува првото место во Македонската лига.
Покрај сениорските натпреварувања, клубот посветува внимание и на развојот на младинските категории. Во сезоната 1975/76 младинската екипа ја освојува титулата првак на Македонија, а во 1985 година се формираат две пионерски одбојкарски школи, со што се поставуваат темелите за развој на нови генерации одбојкари.
Нов значаен подем следува во сезоната 1994/95, кога „Младост“, без ниту еден пораз, обезбедува пласман во Првата лига. Сезоната 1995/96 претставува историски момент за клубот, со пласман во финалето на Купот на Македонија и обезбедено учество во европскиот Куп на ЦЕВ. Со тоа, одбојката станува првиот колективен спорт од Штип што обезбедил пласман во европско клупско натпреварување.
По четиригодишна пауза, на почетокот на 2000-тите години клубот ја обновува својата активност и повторно започнува да се натпреварува во Првата лига, но без позначајни спортски резултати. Во 2008 година клубот го менува името во ОК „Мавис“, додека во 2016 година го добива името ОК „Штип УГД“.
Новата успешна ера на клубот започнува во сезоната 2023/24, кога го освојува Купот на Македонија и го постигнува второто место во домашното првенство. Истиот успех го повторува и во сезоната 2024/25, потврдувајќи го својот континуитет и позицијата меѓу најдобрите македонски одбојкарски клубови. Сезоната 2025/26 останува запишана како најуспешна во историјата на клубот. ОК УГД Штип за првпат ја освојува шампионската титула во Првата лига и, заедно со освоениот Куп на Македонија, стигнува до историска двојна круна. Во овој успешен период клубот го освојува и својот прв трофеј во Суперкупот на Македонија.
На меѓународната сцена, клубот бележи уште еден историски успех со настапот во европскиот Челинџ куп, каде што ја остварува својата прва европска победа.