Последните два натпревари од Европската лига 2026, машката репрезентација ги игра денеска и утре, во Приштина, Косово, каде покрај домаќинот се соочува и со селекцијата на Израел.
Македонија во третиот викенд од годинешното издание влегува со скор од две победи (Луксембург и Исланд) и два порази (Холандија и Грција), а по комплетирањето на првите два турнири во генералниот пласман стои во средината на табелата, 18. место со ист број на бодови, шест, како и Летонија, Хрватска, Словачка, Унгарија и Црна Гора.
Новите предизвици пред тимот на Јошко Миленкоски велат дека Македонија е фаворит, вечерва (20 часот) против домаќинот Косово, додека во утрешниот дуел таквата улога ја превзема Израел со кој се соочивме и во минатогодишното издание од Европската лига, а со овој противник ќе се сретнеме и во групната фаза од ЕвроВолеј 2026 во Софија.
„Четири натпревари во кои имаме две победи и два порази се зад нас. Со сите промени во составот и подмладувањето на репрезентацијата, мислам дека од натпревар во натпревар играме се подобро и полека влегуваме во посакуваниот ритам. Сметам дека покажавме карактер и добра игра против силни селекции како Холандија и Грција. Сега целосно сме фокусирани на натпреварите со Косово и Израел. Без оглед на ранкингот и името на противникот, на секој натпревар приоѓаме со максимална сериозност. Работиме на нашата игра и на тоа да го дадеме максимумот на теренот. Верувам дека со добра тимска игра ќе дојдеме до позитивни резултати и на овој турнир“, вели либерото Филип Јованов, кој од оваа акција е ново име во националниот тим, но одлично се вклопи во екипата.
Македонија, вечерва, 20 часот, против Косово го отвора последниот викенд во Евролигата, додека утревечер, во истиот термин ќе се соочи со Израел.