Најискусниот играч во машкиот национален тим, 39-годишниот Владо Милев го одигра последниот натпревар во репрезентативниот дрес, но и воопшто во кариерата, на вчерашниот дуел меѓу Македонија и Израел на ЕвроВолеј 2026.
Соиграчите победнички го испратија во играчка пензија и му овозможија на перфектен начин да стави точка на едно поглавје кое скоро три децении го градеше како на домашната сцена, така и во интернационалните води, но и во репрезентацијата. Милев е еден од неколкумината наши одбојкари кој може да се пофали дека учествувал на сите четири Европски првенства на кои настапила Македонија.

Тој е дел од генерацијата и која ги испишуваше историските успеси со настапите и во Европската лига, но и премиерата и континуитетот на континенталните собири. Истовремено градеше и успешна кариера, која започнува во родната Струмица, а потоа добива меѓународна димензија и настапи во лигите низ Европа повеќе од две децении – Чешка, Белгија, Грција, Австрија, Романија, Кипар, Црна Гора, за да заврши во Унгарија, во мај годинава.
„Премногу и дадов и јас на одбојката, но и таа мене. Чувствувам дека е време за крај и телото ми го кажува тоа. Среќен сум што заминувам со победа со националниот тим, со среќен крај! Натпреварите на ЕвроВолеј покажа дека имам достојна замена и време е да се повлечам и да оставам помладите да превземат“ – кусо коментира низ насмевка Владо Милев.
Милев стави крај на играчката кариера, но неговите ангажмани во одбојката продолжуваат со оглед на тоа дека тој е активен член на Извршниот одбор на Одбојкарската федерација на Македонија.