Последниот натпревар во групната фаза на Европското првенство 2026, машката сениорска репрезентација на Македонија го игра попладнево, 15 часот по македонско време, против Израел во арената „8888“ во Софија.
Израелците се добро познат противник и во последниве неколку години редовно се соочуваме со нив во репрезентативните настапи, иако за двете селекции ова ќе биде прв меѓусебен дуел на ЕвроВолеј.
Македонија и Израел играа во Европската лига 2026, во јуни, во Приштина, кога Израелците славеа со 3:0. Претходно тие се радуваа и на две максимални победи над Македонија во Европската Златна лига 2025.
Македонските одбојкари имаат победи против Израел и тоа четири, сите со Европската лига. Во изданието од 2021 година двапати сме го совладале овој ривал со 3:1, додека во Европската лига во 2015 година имаме две максимални победи над Израелците.
Во денешниот меч Македонија и Израел влегуваат со различни амбиции. Македонија со оглед на фактот дека ги загуби шансите за осминафиналето ќе брка победа со која достојно ќе се одјави од четвртиот континентален собир во низа на кој учествува. На Израел му е потребна победа со која ќе го потврди своето место во следната рунда од ЕвроВолеј.