По една седмица подготовки за Европската лига 2026, женскиот национален тим на Македонија полека се адаптира на начинот на работа на новиот селектор Милош Гавриловиќ и неговиот стручен штаб.
Комбинирано се работи на физичка подготовка и на техника, и постепено се преминува кон тактичките варијанти и анализата на противниците со кои ќе се соочи Македонија во Европската лига 2026.
Атмосферата на тренинзите е позитивна, работна, со голема дисциплина, одбојкарките тренираат во групи, со различни задача, а она што е јасно дека сите влегуваат во системот на селекторот Гавриловиќ.
„Тренираме во одлична атмосфера, полека влегуваме во системот на селекторот и верувам дека со квалитетна работа како и досега, дисциплина и заедништво можеме да одиме чекор напред и да се надеваме на позитивни резултати и оваа година. Смесни сме за предизвиците кои нè очекуваат, но во моментов сме фокусирани на тоа што подобро да ја темпираме формата“, вели интернационалката Добрина Хаџи Тосева и додава „Минатата година имавме успешно претставување во Европската лига и потврдивме дека тимот има квалитет, карактер и стабилност. На овој собир имаме нов селектор и нов стручен штаб, стартуваме нов циклус со поинаква енергија и нови предизвици. Тимот е подмладен, а тоа носи свежина, амбиција и простор за развој.“
Слично разлислува и Андротеа Милевска, која потврдува дека желбите се и оваа Европска лига репрезентацијата да забележи позитивни резултати.
„Секоја од нас во репрезентацијата го дава својот максимум на овие подготовки. Добрите резултати од ланскиот настап се од големо значење за нас, па така желбите се и оваа година на секој натпревар да се прикажеме во најдобро светло и да оставиме некој белег. Нов селектор, подмладен тим со многу енергија и желни за докажување“, коментира коректорот Андротеа Милевска.
Селекторот Милош Гавриловиќ до крајот на оваа недела ќе го дефинира составот со кој ќе настапи на првиот турнир од Европската лига 2026, кој од 5 до 7 јуни ќе се одржи во Порто, Португалија.