Одбојкарите на Штип УГД го освоија „Чајка“ Супер купот на Македонија 2026 во машка конкуренција откако со 3:0 (25:15, 25:16, 25:15) го совлада ГОК Борец и стигна до првиот пехар на отворањето на новата сезона.
Во одлична атмосфера и амбиент во салата „8. Септември“ во Тетово, противниците потврдија дека и годинава ќе бидат главните кандидати во распределбата на пехарите.

Борец одигра со „домашни“ сили, односно без странските засилувања во екипата, но понуди силен отпор и беше рамноправен противник до средината на сите три сета. Велешкиот состав на моменти имаше и два до три поени предност, но клучна беше подолгата клупа, поголемиот искусен избор во ротацијата и искуството во редовите на штипскиот тим.

Македонскиот репрезентативец во редовите на Штип УГД, Александар Љафтов беше прогласен за најкорисен играч на машкиот “Чајка” Супер куп и го предводеше Штип УГД кон победата и историскиот пехар во клупските витрини.
