На домашната машка одбојкарска сцена официјално има нов шампион – Штип УГД, кој со три победи во финалната серија го совлада ГОК Борец и стигна до шампионската титула, прва во историјата на клубот.
Истовремено одбојкарите на Штип УГД ги обединија и круните, па откако пред еден месец се радуваа на третиот куп-пехар во низа, сега двата трофеи ги имаат во клупските витрини.
За штипскиот колектив предводен од тренерот Кристиан Ристески и Ванчо Санев ова е „трета среќа“ со оглед на тоа дека во третото финале во низа успеваат да испишат успех кој е од големо значење не само за клубот, туку и за градот Штип. Паралелно со тоа Штип УГД стави и крај на доминацијата на Струмица 47&72 која траеше скоро една деценија.

И не само на домашната сцена, Штип УГД имаше сезона за паметење и во Европа, па во премиерниот настап во ЦЕВ Челинџ купот се радуваше и на европска победа и пласман во следната фаза.
„Многу спортска и одбојкарска историја е создадена за една сезона“, е првиот коментар на тренерот Кристиан Ристески, кој не го крие задоволството и продолжува: „Емоциите полека стивнуваат, но останува задоволството од постигнатото, од остварените цели и амбиции. Веќе трета година по ред сме на врвот во Македонија, оваа година и со двојната круна. Сезона за паметење. Започнавме со натпреварите во ЦЕВ Челинџ купот, каде го поминавме норвешки Кол Ил и се пласиравме во главната фаза. За среќа или не, вкрстивме со освојувачот на ова натпреварување, гигантот Алијанц Милано. Го одбранивме купот на ОФМ во едно спектакуларно и неизвесно финале и на крај го затворивме финалето од првата лига со максимален ефект од 9:0 во сетови односно три максимални победи и ја обединивме дуплата круна… Чест ми е да кажам дека ова е прва и единствена шампионска титула во градот Штип и прва и единствена двојна круна. Исто така, ОК Штип УГД единствен клуб од овој град кој се натпреварувал и во Европа со прва и единствена победа, и со пласман во главна фаза. Премногу направивме за една сезона, а тоа се должи на посветената работа на секој еден во клубот, од играчите, стручниот штаб, па се до комплетната логистика која стои зад нас и секако публиката, без чија поддршка и дополнителен мотив не може ниту еден спортски колектив“, завршува Ристески.
Како шампион и освојувач на Купот на ОФМ 2026, Штип УГД во следната сезона има право за учество во европските клупски купови, пред се Лигата на шампионите.
Одбојкарите на Штип УГД од денеска се на заслужен одмор, кој за некои ќе трае кусо со оглед на тоа дека се најдоа на поширокиот список на селекторот Јошко Миленкоски за учеството во Европската лига 2026.