Попладнево, 18 часот, во салата „Димитар Влахов“ во Струмица започнува финалето на плејофот во женска конкуренција, во кое Наковски Волеј премиерно во својата клупска историја ќе се бори за шампионската титула, додека најтрофејниот женски клуб, Работнички Скопје ќе „брка“ уште еден пехар со кој ќе ја продолжи традицијата.
Серијата тргнува од Струмица со оглед на тоа дека Наковски Волеј регуларниот дел од сезоната го заврши на лидерската позиција на табелата, со само еден пораз (од Младост УГД со 3:2). Откако не успеаја да ја одбранат куп-титулата одбојкарките на Хари Наковски сега се комплетно насочени кон главната цел, а тоа е да го кренат шампионскиот трофеј. Наковски Волеј е тимот кој му застана на патот на бранителот на титулата, Јанта Волеј КВ, откако во полуфиналната серија се радуваше со 3:1 и 3:0. Лидерот во текот на целата сезона покажа константност во својата игра и во решителноста да стигне до плејофот, а сега треба да го направи финалниот напор за да стигне до целта.
Работнички Скопје, пак, има искуство во играње на првенствена завршница, оваа е петта за него во низа, во која ќе се бори за 19. титула во клупската историја. Тимот на Душко Деспотовски играше со подеми и падови низ целото првенство, но во завршницата, особено во двомечот со Младост УГД, изгледаше како да ја темпира формата за финалето на плејофот.
Меѓусебниот скор е 2-0 во победи (со максимални 3:0 во сетови) за Наковски Волеј во соочувањата од регуларниот дел на сезоната.
Финалната серија кај дамите се игра во три добиени натпревари, а сите дуели ќе имаат и директен телевизиски пренос на националниот сервис.