На состанокот на Лигашите во пресрет на новата натпреварувачка сезона 2025/2026 одржан во хотелот „Александар Палас“ во Скопје беше извршена ждрепка за натпреварувачките броеви на клубовите кои ќе се натпреваруваат во Првата лига – мажи.
Најсилната машка лига сезонава ќе брои 12 екипи со оглед на тоа дека Вардар 1947 не достави пријава за настап во Првата лига во новата сезона.
Ждрепката на натпреварувачките броеви одлучи во првото коло шампионот Струмица 47&72 одбраната на титулата да ја стартува на домашен терен против Јанта Волеј. Носителот на Куп пехарот и ланскиот финалист во плеј-офот Штип УГД, пак, ќе му гостува на Сушево 1978. Во првото коло ќе имаме и два градски дерби дуели – Работнички 71&22 ќе го пречека Скопје, додека Универзитет во Тетово ќе се „судри“ со Шкендија. На отворањето на новата сезона уште ќе се соочат и Борец и Лирија, како и Весна Пробиштип со Македонија Џио.
Според Пропозициите за натпреварување во сезоната 2025/2026 прволигашите во есенскиот дел ќе одиграат 11 натпревари по еднокружен бод систем. По завршувањето на првиот дел првите шест пласирани екипи играат во плеј-оф пренесувајќи ги бодовите од првиот дел. Се игра двокружно „секој со секого“ и потоа првите четири екипи обезбедуваат пласман во полуфиналето на плеј-офот и ќе разигруваат за битка за шампионската титула.
Екипите кои во есенскиот дел ќе се пласираат од 7. до 12. место ќе ги пренесат бодовите од првиот дел и ќе разигруваат во плеј-аут фазата. Ќе се натпреваруваат двокружно (дома-гости), а по завршувањето на натпреварите се добива конечниот пласман во првенството.
Календарот на натпреварувачката сезона 2025/2026 е дефиниран според ФИВБ и ЦЕВ, кои ги поставуваат рамките на почетокот и крајот на националните првенства, поради одржувањето на СП 2025, како и престојното ЕП следната година. Првенството стартува на 25 октомври.
ПРВА ЛИГА МАЖИ 2025/2026
1.КОЛО, ДВОЈКИ:
Работнички 71&22 – Скопје
ГОК Борец – Лирија
Струмица 47&72 – Јанта Волеј
Универзитет во Тетово – Шкендија
Весна Пробиштип – Македонија Џио
Сушево 1978 – Штип УГД