Капитенот на машката сениорска репрезентација на Македонија, Никола Ѓоргиев е претставен како големо засилување на романскиот прволигаш Рапид Букурешт. Најдобриот македонски одбојкар по една сезона во редовите на турски Турсад се одлучи за промена на средината и оваа сезона ќе го носи дресот на романскиот тим.
Ѓоргиев од почетокот на септември е на подготовки со новиот клуб, каде одлично се адаптира. Се чека екипата да се комплетира и да стартува новата сезона.
„Одлично се адаптирам во клубот и во новата средина. Се приклучив на екипата на стартот на подготовките на планина и по две седмици минати таму, сега сме во Букурешт каде продолжуваме со работа. Мал пех ни прави отсуството на дел од играчите, кои имаат репрезентативни обврски со настап на СП, но до крајот на оваа недела се надевам ќе се комплетираме затоа што следи најважната фаза – воигрувањето. Периодот до почетокот на романското првенство на 18 октомври ни престојат три силни турнири во Брашов, Галаци и Залау. Имаме одлични услови за работа, фантастична организација и атмосфера има во клубот и верувам дека ги имаме сите предуслови за добра и успешна сезона“, коментира капитенот Никола Ѓорѓиев за новата клупска средина.
Коректорот потекнува од редовите на македонскиот првак Струмица, а интернационалната кариера ја гради низ клубовите во Србија, Италија, Турција, Франција, Јапонија, Германија и Словенија, а сезонава ќе настапува во романскиот шампионат.