Репрезентација на Швајцарија е следен противник на женската репрезентација, вечерва, 20 часот во СС „Парк“ во Струмица. Од претходно е добро познато дека Швајцарија е квалитетен тим, претендент за освојување на годинешното издание од ЦЕВ Европската Сребрена лига, а тоа го потврди и синоќа со апсолутна доминација во дуелот со Луксембург.
Македонските репрезентативки се свесни за силината со која располага ривалот, но потенцираат дека се подготвени за предизвикот.
„Не може со зборови да се опише чувството кое секоја од нас го имаше по победата во петокот. Може само да се доживее и горда сум на целата екипа, на целиот стручен штаб и на публиката. Имавме притисок дека мора да победиме и искуството собрано низ годините ни помогна да се носиме со тој товар и на крајот излеговме на терен, покажавме карактер и потврдивме дека можеме да бидеме достоен противник за секој. Луксембург ни дојде и како добра подготовка за Швајцарија. Мислам и верувам дека секоја од нас ќе даде максимум и прихички и физички, и се надеваме на победа. Клучно во нашата игра ќе биде фокусот и дисциплина, мотивација секако дека нема да ни недостасува“, вели организаторот на играта Софија Пандева.