Јонузи и Слован пишуваат клупска историја, ќе играат во главната рунда од Челинџ купот!

Македонската репрезентативка Ерјона Јонузи и словачкиот првак Слован Братислава ќе играат во главната рунда од ЦЕВ Челинџ купот, откако успешно го минаа првото коло од ова европско клупско натпреварување, што е историски успех за клубот. Јонузи и нејзиниот тим со две победи над црногорски Будуќност од Подгорица се пласираа меѓу најдобрите 16 екипи.

Откако првиот меч на домашен терен го добија со убедливи 3:0, одбојкарките на Слован имаа посериозни проблеми во реваншот во Подгорица, каде дури во тај-брејк и на разлика, 3:2 (23:25, 25:16, 25:16, 21:25, 17:15) успеаја да продолжат во следната фаза.

Јонузи го одигра комплетниот натпревар во Подгорица и освои пет поени (три од напад и два од блок) со кои придонесе за историскиот успех на екипата.

Во рундата од 16, Јонузи ќе го „одмаздува“ македонскиот претставник Јанта Волеј КВ, со оглед на тоа дека ќе се соочи со ЛВИ Прага, ривал кој го елиминираше нашиот тим од ова натпреварување.

Двомечот од главната фаза се игра на крајот на ноември и почетокот на декември 2026 година.

МИЛЕВСКА И ЧСМ БУКУРЕШТ ГО ЗАВРШИЈА УЧЕСТВОТО

Втората македонска репрезентативка Андротеа Милевска и романски ЧСМ Букурешт го завршија настапот во Европа, откако беа елиминирани од грчки Панатинаикос. Првиот меч на гости го загубија со 3:0, додека во реваншот во Букурешт беа поразени 3:1.

Милевска и на двата дуели беше во составот, но не доби простор за игра.