Фото: OK Crvena Zvezda Beograd/Facebook
Македонскиот репрезентативец Ѓорѓи Ѓоргиев и неговиот нов клуб Црвена Звезда имаат одличен почеток на сезоната во српската Суперлига.
По првите две кола тимот на организаторот на играта е еден од ретките кои може да се пофали дека е без пораз. Во првото коло пред својата публика Црвена Звезда со 3:2 го совлада Караѓорѓе, додека во второто на гостински терен со максимални 3:0 славеше над Рибница. И на двата дуели техничарот беше стартер и го одигра цел натпревар, а имаше и по еден поен. Следниот предизвик во првенството за тимот на Ѓоргиев е Ниш, кој досега нема победа сезонава.
Македонскиот интернационалец има набиен распоред со оглед на тоа дека неделава играше и натпревар од четвртфиналето од Купот на Србија, во кој во првиот меч со 3:1 победи на гостувањето кај Таково. Со овој триумф Ѓоргиев и соиграчите се на чекор до полуфиналето, со оглед на тоа дека на 25. ноември на свој терен го играат реваншот.