Фламинго Волеј викендов и официјално беше крунисан за шампион во Втората лига жени, откако се комплетираше последното 26. коло од сезоната 2025/2026 во ова сениорско првенство.
Одбојкарките на Фламинго Волеј со максимален триумф над Виола Волеј ја запишаа 24. победа во исто толку натпревари затворајќи ја перфектната сезона, со која стигнаа до шампионскиот пехар.
Тимот на Мартин Јовановски низ целото првенство понуди константност во играта, го држеше врвот на табелата и делуваше без конкуренција, па заслужено во следната сезона ќе има статус на прволигаш и ќе се натпреварува во најсилното друштво.

На второто место на второлигашката табела заврши составот на Вардар жени, кој ќе игра бараж со претпоследно пласираниот тим во Првата лига, Фит Фан Волеј за место во најквалитетната лига од септември.
Вардар жени, заедно со Форца Волеј ЕМА беа главните конкуренти на Фламинго Волеј за врвот, а и со прикажаното во текот на целото првенство ги оправдуваат позициите на кои ја комплетираат сезона.