Вечерва, 19 часот, во салата „Јордан Мијалков“ во Штип, започнува битката за шампионската титула во Првата лига мажи, каде најдобрите две екипи и во регуларниот дел од првенството, Штип УГД и ГОК Борец ќе играат во серијата „подобар во пет“.
Во финалето на плејофот Штип УГД влегува со (условно кажано) предноста од домашниот терен поради фактот дека на лидерската позиција на табелата го финишираше регуларниот дел од сезоната, во кој претрпе само еден пораз, од сеуште актуелниот првак Струмица 47&72.
Штипскиот состав пред неполн месец по третпат во низа, но и во својата клупска историја, го крена пехарот во Купот на ОФМ 2026, а сега има шанса да ги обедини титулите. Против ГОК Борец играше и во куп-финалето, каде го совлада со 3:1. Со ваквиот резултат Штип УГД ја продолжи и позитивната серија која ја има против велешкиот тим сезонава, односно 4-0 во победи, а интересно е дека сите натпревари се играле во четири сета.
Штип УГД до финалето стигна со две максимални победи над Работнички 71&22 во полуфиналната серија и трета година по ред ќе се бори за шампионската титула, која би била прва во клупската историја.
ГОК Борец, пак, по пауза од три години повторно ќе игра за првиот шампионски трофеј. Велешани во полуфиналето на плејофот ставија крај на седумгодишната доминација на Струмица 47&72 со две победи (од по 3:1).
ГОК Борец го предизвика Штип УГД и за куп-пехарот, а сега двата тима одново ќе се судрат за тоа кој ќе го носи епитетот шампион. Велешкиот состав на сите досегашни соочувања успеваше да освои само сет, но со оглед на значењето на натпреварите кои им претстојат нема сомнеж дека и инспирацијата и мотивацијата ќе бидат на далеку повисоко ниво.
Финалната серија носи една сигурност, на македонската машка одбојкарска сцена ќе има нов шампион, а серијата „подобар во пет“ ќе каже дали тоа ќе биде Штип УГД или ГОК Борец. Кревањето на шампионскиот пехар и за двата тима ќе биде испишување на клупска историја.
ФИНАЛЕ НА ПЛЕЈОФ МАЖИ
1.НАТПРЕВАР (16.04.2026)
Штип УГД – ГОК Борец 19:00ч.
Сала: „Јордан Мијалков“ во Штип.