Новата сезона во одбојкарските национални првенства стартува викендов, а ја отвораат натпреварите од Првата и Втората лига – жени. Вкупно 11 натпревари низ три дена треба да го обележат враќањето на возбудувањата на домашната сцена.
Во најсилното женско друштво натпреварувањето стартува в сабота во 16 часот во СЦ „Форца“ во Скопје, кога ланскиот финалист Работнички Скопје ќе го пречека составот на Струмица жени, натпревар кој ќе има и ТВ снимка. Работнички Скопје во новата сезона се потпира на домашни, пред се репрезентативни сили, кои ќе водат битки и во националното првенство и Куп, но и на меѓународна сцена како дел од ЦЕВ Челинџ купот. Струмица жени, пак, задржа голем дел од ланскиот росрет кој го надогради со две интернационални имиња Американката Кеј и Грузијката Тинатин.
Попладнево, од 18 часот, се играат уште две средби. Носителот на куп-пехарот од ланската сезона Наковски Волеј отвара пред својата публика, а го пречекува дебитантот во прволигашкото друштво Газели Волеј. Наковски и во новата сезона ќе се потпира на добро проверени сили, оние кои и му донесоа прв трофеј на клубот. Газели Волеј, пак, амбициозно влегуваат во Првата лига предводени од репрезентативките Емилија Попјордановска и Теа Терзиевска, која се врати дома по пауза од неколку години.
Во истиот термин од 18 часот и Ускана Волеј го пречекува Вардар ЕМ. Составот на Ускана не претрпе големи промени во пресрет на новото првенство, додека вардарки со ангажирање на две странски одбојкарки ќе се обид да влезе во трката за плеј-оф.
Дербито на колото се игра во веќе традиционалниот термин – понеделник и со директен ТВ пренос, кога дебитантот Пелистер Волеј ќе има премиера во најсилното друштво против шампионот Јанта Волеј КВ. Битолскиот тим многу сериозно влегува во Првата лига, со амбициозен проект и тим со три интернационалки и треба да претставува вистинско освежување за лигата. Бранителот на титулата претрпе промени во летниот трансфер период, но се екипираше и ги засили редовите и со три странски одбојкарки, кои треба да дадат стабилност во играта не само во одбраната на шампионската титула, туку и на европската сцена, во премиерата во Лигата на шампионите, каде Јанта Волеј КВ има противник по мерка.
Последниот натпревар од првото коло од Првата женска лига ќе се игра в четврток за кога е закажан дуелот меѓу Младост УГД и Фит Фан Волеј и истиот ќе може да се следи во живо на МРТ3. Младост ангажираше три интернационалки кои треба да бидат додадена вредност на тимот, кој игра заедно веќе неколку години, додека Фит Фан Волеј, кој на почетокот на оваа недела дебитираше на меѓународно тло, во БВА купот, ќе се обиде тоа искуство да го пренесе во првенствените дуели.
Според Пропозициите за натпреварување, клубовите од Првата женска лига во есенскиот дел од сезоната играат двокружен бод систем, дома – гости. По комплетирањето на лига натпреварувањето првите осум екипи играат во четвртфиналето од плеј-офот во два добиени натпревари, од кои ќе се добијат полуфиналистите од првенствениот плеј-оф, односно екипите кои ќе играат за шампионскиот пехар.
Екипата која ќе заврши на деветтата позиција на табелата игра бараж со второпласираниот тим во Втората лига жени за опстанок во прволигашкото друштво. Последнопласираната екипа во првенството, пак, во следната натпреварувачка сезона ќе се натпреварува во Втората лига.
Денеска стартуваат и натпреварите во второлигашката женска конкуренција, каде сезонава ќе имаме 13 екипи, со четири новопријавени клубови – Шкупи од Скопје, Ново Село од Ново Село, како и Виола Волеј и ГОК Борец од Велес.
Во првото коло, во кое сите натпревари се играат денеска Ново Село ќе дебитира на домашен терен против Вардар жени 2019. ГОК Борец исто така стартува пред својата публика против Македонија Макс. Форца Волеј ЕМА го пречекува ЖОК Куманово, додека Виола Волеј ќе ги измери силите со Виктори Волеј. Бами Кор, пак, ќе игра со Фламинго Волеј, а Универзитет од Тетово и Јанта Волеј Бутел се последната двојка на стартот. Шкупи ќе мора да ја почека премиерата до следниот викенд, тој е слободен.
Пропозициите за Втората лига – жени велат дека екипите играат двокружен бод систем (26. кола, 24 натпревари) дома – гости, по чие завршување првопласираната екипа обезбедува директен пласман во Првата лига – жени во сезоната 2026/27. Второпласираниот тим игра бараж натпревар со деветтопласираната екипа од Прва лига – жени за влез во поквалитетното друштво.
ВТОРА ЛИГА ЖЕНИ, СЕЗОНА 2025/26
1.КОЛО, САБОТА, 11.10.2025
Ново Село – Вардар жени 2019 19:00ч.
ГОК Борец – Македонија Макс 13:30ч.
Форца Волеј ЕМА – ЖОК Куманово 19:00ч.
Виола Волеј – Виктори Волеј 11:00ч.
Бами Кор – Фламинго Волеј 18:00ч.
Универзитет во Тетово – Јанта Волеј БУТ 15:00ч.