Пилот проектот по кој Одбојкарската федерација на Македонија во соработка со Македонската радио телевизија (МРТ) сезонава ги организираше завршните турнири во машка и женска младинска конкуренција на почетокот на мај во салата „Јане Сандански“ во Скопје, е нов проект за промоција и популаризација на македонскиот спорт, кој денеска беше презентиран во Министерството за спорт.
На иницијатива на Министерството за спорт, а со соработка со три национални федерации – Одбојкарската, Ракометната и Кошаркарската федерација на Македонија потпишан е договор за соработка со националниот сервис, за подигање на квалитетот на македонските лиги во најмасовните спортови, но и за генерално да се крене нивото на поголема популаризација на спортот. На промоцијата на проектот беа министерот за спорт Борко Ристовски, претседателот на Одбојкарската федерација на Македонија, Петар Јовановски, претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов, потпретседателот на Македонската кошаркарска федерација, Младен Ѓуроски и одговорниот уредник на МРТ1, Драган Николовски.
„Се работи за еден голем проект кој, народски кажано, чини многу пари, меѓутоа ние како министерство и како држава сме подготвени да го поддржиме заедно и во соработка со МРТ и со националните спортски федерации, а сѐ во интерес и за промоција на македонскиот спорт. Ова е прв чекор од она што треба да го направиме, прво за популаризација на македонскиот спорт, на македонските играчи, а во ист момент да помогнеме и со привлекување на што повеќе спонзори, затоа што не е исто кога она што го спонзорирате оди и на телевизија секоја недела или 2-3 пати во неделата. Од друга страна мислам дека треба да почнеме и македонските национални првенства да ги подигаме на што е можно повисоко ниво, младите македонски спиортисти да ги третираме на ниво на кое што треба да бидат третирани и да почнеме да создаваме нови спортски ѕвезди“, рече министерот за спорт, Борко Ристовски, и додаде: „Нашиот интерес како Министерство за спорт е да има што повеќе спорт на телевизиските програми, да го промовираме македонскиот спорт, да ги промовираме младите македонски спортисти и на тој начин да привлечеме што е можно повеќе деца да почнат да се занимаваат со спорт и на крај на денот, од сето ова да имаме не само спортски, туку и општествен бенефит.“
Претседателот на ОФМ, Петар Јовановски потенцираше дека проектот имаше позитивен одзив при неговата имплементација во финалните турнири кај младинките и младинците.
„Ние веќе направивме еден пилот проект со МРТ со финалните натпревари во младинска конкуренција. Одзивот и реакциите беа многу позитивни. Кога имате ТВ пренос и услови во салата како кога се игра натпревар од Европско првенство или од Лига на шампиони, децата добиваат уште поголема желба да играат и да спортуваат, бидејќи и тие се видени и препознаени во училиштата и во нивните средини. Мислам дека овој проект требаше да се имплементира и многу порано и дека идејата е за поздравување“, истаква Јовановски.
Одговорниот уредник на МТВ1, Драган Николовски соопшти дека договорите на јавниот сервис со трите национални спортски федерации се однесува на проект кој ќе стратува од септември и треба да трае четири сезони.
„Министерството за спорт на чело со министерот Борко Ристовски го препознаа моментот и изразија полна поддршка на идејата трите федерации – Ракометната, Кошаркарската и Одбојкарската федерација на Македонија да влезат во едно партнерство на повисоко ниво со МРТ кадешто заеднички интерес на сите би била уште поголема афирмација и промоција на македонскиот спорт. Станува збор за еден проект кој што би траел четири сезони, до летото 2029 или во цел еден олимписки циклус во кој се надеваме дека како јавен сервис ќе помогнеме повеќе да се промовираат нови спортисти, нови имиња и најдоброто и најквалитетното од македонскиот спорт да стигне до што поголем дел од публиката. Во принцип, идејата е во секоја натпреварувачка сезона во наредните четири години на јавниот сервис, односно на спортско-забавниот канал МТВ3 да бидат емитувани најмалку 50 директни преноси од ракометното, од кошаркарското и од одбојкарското првенство. Ова би било на некој начин прво полувреме, на ист начин, иста или слична поддршка, во вториот дел на проектот ќе има за младинскиот спорт“, посочи Николовски.