Одбојкарската Федерација на Македонија организираше еднодневен семинар за (до)едукација на тренерите кои работат и водат екипи во националните лиги кои се во организација на ОФМ.
Предавач на семинарот, кој се одржа во спортскиот центар „Форца“ во Скопје беше искусниот српски тренер и ФИВБ предавач, Александар Бошковиќ. Главна тема на семинарот беше „Основни методи за работа со млади категории“, во која беа опфатени уште неколку подтеми. Семинарот беше поделен во два дела – теоретско предавање и практична презентација, проследена со активна дискусија на учесниците.
На семинарот присуствуваа 50 тренери кои работат во клубови кои се натпреваруваат во Првата машка, односно во Првата и Втората женска лига, но голем интерес имаше и од младинските школи кои функционираат под капата на Федерацијата.
За Одбојкарската федерација на Македонија еден од клучните сегменти за понатамошна квалитетна работа и развој на македонската одбојка и во машка и во женска категорија е (до)едукацијата на тренерите, а овој семинар е прв од неколкуте планирани во годишната агенда на ОФМ.