Убедлива победа на одбојкарите – голем чекор кон ЕП 2026

Македонските одбојкари целосно ја потврдија фаворитската улога на гостувањето кај Грузија во првиот натпревар од квалификациите за следниот континентален собир. Во Тбилиси, составот на селекторот Хари Наковски славеше со 3:0 (25:12, 25:14, 25:18), освои максимални три бода без да загуби сет, а оствари и одличен поен-количник којшто може да биде значаен во битката за пласман на четвртото европско првенство по ред за нас.  

Александар Љафтов беше најефикасен во македонската репрезентација со 14 поени, капитенот Никола Ѓорѓиев освои 12, а двоцифрен беше и Филип Савовски со 11. Владо Милев заврши со 8, Филип Маџунков со 7, а Ѓорѓи Ѓорѓиев запиша 2 поена. Во колективната статистика сите бројки беа на страна на нашиот тим.

Следниот квалификациски натпревар ќе го одиграме со Грција на 25-ти во Скопје. Со победа ќе биде јасно дека Македонија ќе игра и на следниот шампионат на најдобрите европски репрезентации.

Напред МАКЕДОНИЈА!

https://www-old.cev.eu/Competition-Area/MatchStatistics.aspx?ID=72724