Актуелниот првак е на дофат на нова титула

Струмица 47&72 го совлада Штип УГД со 3:1 (25:18, 15:25, 25:17, 25:15) во третиот натпревар од финалето во машкото одбојкарско првенство на Македонија и поведе со 2-1 во серијата до три победи. Во салата „Парк“, бранителот на ланската круна не дозволи изненадување, ја задржа предноста на домашниот терен и е чекор до единаесеттиот шампионски пехар, десетти од 2012-та досега.

Конор Хенкс постигна 18 поени за струмичкиот состав, Саад Омхени заврши со 16, а Учена Офоха со 9, додека, пак, во тимот на Штип УГД, Махди Задмард со 15, Махди Абхар со 11 и Стефан Алексов со 10 не успеаја да го спречат петтиот пораз во седмиот меѓусебен натпревар со ривалот сезонава.

Следниот натпревар од финалето е в четврток во Штип, со триумф Струмица 47&72 ќе слави конечен успех, а доколку штипјани забележат победа, тогаш ќе има мајсторка кај актуелниот првак.

Финале (мажи) – до три добиени натпревари

Струмица 47&72 – Штип УГД     3:1 (25:19, 25:18, 23:25, 25:22)

Штип УГД – Струмица 47&72     3:1 (30:28, 17:25, 25:20, 25:21)

Струмица 47&72 – Штип УГД     3:1 (25:18, 15:25, 25:17, 25:15)

Штип УГД – Струмица 47&72     (четврток 25.04.2024)

Струмица 47&72 – Штип УГД     (недела 28.04.2024)