Македонската клупска одбојка во новата сезона од европските клупски купови, покрај шампионот Штип УГД во машката Лига на шампионите има уште тројца претставници во Челинџ купот. Познато е кога тие ги играат првите натпревари во рамките на ЦЕВ сезонава.
Во машка конкуренција Струмица 47&72 својата европска приказна ја продолжува во првата рунда од Челинџ купот каде се соочува со финска Састамина. Првиот меч го игра на гостински терен на 12 ноември од 17:30 часот по македонско време во „Вексве“ арената во Састамина. Реваншот струмичани го играат на домашен терен на 18 ноември во 18 часот, во салата „Парк“ во Струмица.
Шампионот во женска конкуренција Работнички Скопје исто така ќе се натпреварува во Челинџ купот, каде за противник го има грчки Заон Кифисиа. Македонскиот првак имаше статус на носител при ждрепката, па така првиот меч го игра на гости, на 27 октомври во 17 часот по македонско време, во спортската сала „Зиринио“ во Кифисија, предградие на Атина. Реваншот го игра една недела подоцна, на 3 ноември во 19 часот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.
Вториот женски претставник во Челинџ купот е тимот на Јанта Волеј КВ, кој ќе се соочи со чешка Прага во првата рунда. Јанта Волек КВ првиот дуел го игра пред домашната публика на 27 октомври во 19:30 часот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Возвратниот натпревар е закажан за 4 ноември во 18 часот во УНИП арената во Прага.