Одбојкарската федерација на Македонија ќе биде организатор на два турнири, еден во машка и еден во женска конкуренција, за играчи до 20 години, кои ќе бидат дел од втората фаза од квалификациите за Европското првенство 2027.
Македонија, во Скопје, во периодот од 14 до 17 јануари 2027 година ќе организира евро-квалификациски турнир У20 во машка конкуренција, група Е, додека неколку дена подоцна, односно од 21 до 24 јануари, ќе биде домаќин на женските селекции У20 кои ќе играат во оваа фаза, исто така како дел од групата Е.
Европската конфедерација покрај Македонија улога на домаќини им додели и на Италија (група А), Полска (група Б), Португалија (група Ц) и Луксембург (група Д) кај мажите, додека Србија (група А), Хрватска (група Б), Бугарија (група Ц) и Летонија (група Д) се организатори кај девојките.
Машката и женската селекција на Македонија до 20 години учествуваа во БВА Зонските квалификации во средината на август годинава, кои беа прва фаза од евро-квалификациите. Од овие натпреварувања сите балкански репрезентации кои не обезбедија директен пласман на ЕП 2027 играат во втората рунда.