„Деветка“ за Милевска во првиот триумф за ЧСМ Букурешт сезонава

Македонската репрезентативка Андротеа Милевска го одигра целиот натпревар и имаше значајна улога во премиерната победа на нејзиниот нов тим, ЧСМ Букурешт во петтото коло од најсилната романска лига.

Милевска беше меѓу топ-три стрелци со девет поени (осум од напад и еден блок) во победата од 3:0 (25:16, 25:16, 25:21) над Клуж. Ова се први три бода за ЧСМ Букурешт сезонава со кои е на осмото место на табелата, но и со два натпревари помалку. Со оглед на тоа дека романската лига брои 11 екипи, во третото коло ЧСМ беше слободен, додека во четвртото го одложи дуелот поради настапот во ЦЕВ Челинџ купот. Милевска за првпат сезонава се најде во стартната постава и го одигра цел натпревар.

ЈОНУЗИ НЕ ЗНАЕ ЗА ПОРАЗ

По историскиот успех на европска сцена Ерјона Јонузи и Слован Братислава продолжуваат сигурно и во националното првенство, со нова победа, 3:0 (25:13, 25:14, 25:15) над Липтовски Храдок. Со оглед на тоа дека играа со претпоследниот тим во словенечката Екстра лига, техничарот беше во составот, но одмараше на овој меч. Слован е лидер на табелата со седум победи во исто толку натпревари и 20 бода.

ФАСУЛЕВА СЛАВЕШЕ ВО ДЕРБИТО СО ТЕУТА (3:2)

Продолжува победничката серија на Ана Фасулева и Тирана во шесттото коло во албанската Суперлига, откако со 3:2 (25:17, 22:25, 25:22, 21:25, 15:13) славеше во дербито со Теута. Во дуел со многу пресврт и голема неизвесност Фасулева и нејзините соиграчи имаа предност од 1:0, односно 2:1, но дури во тај-брејкот и на разлика дојдоа до победа со која се непоразени во првенството.

„ТРИ ОД ТРИ“ ЗА ЃОРГИЕВ И ЦРВЕНА ЗВЕЗДА

Техничарот Ѓорѓи Ѓоргиев и Црвена Звезда го задржаа беспрекорниот учинок во српската Суперлига со третата победа во исто толку натпревари. Во дуелот со Ниш пред својата публика Црвена Звезда го загуби првиот сет, но потоа имаше одлично враќање во игра за триумф од 3:1 (20:25, 25:21, 25:23, 25:20). Ѓоргиев добрата организација на играта ја надополни и со два поени.

На табелата Партизан е лидер со девет бода, додека Црвена Звезда има еден помалку на второто место.

РИСТОСКИ И ИББ СПОР ЗАГУБИЈА ОД ЗИРАТ БАНК

Македонскиот стратег Жарко Ристоски и неговиот ИББ Спор запишаа трет пораз во низа во турската Суперлига, откако со 3:0 (25:20, 25:17, 25:14) загубија од еден од главните фаворити и актуелен лидер на табелата Зират Банк. Ваквиот резултат на тимот на Ристоски му донесе и пад на табелата од седмото на деветтото место.