Бранителот на титулата на Европското првенство 2026, Полска, уште еднаш ја потврди фаворитската улога во групата Б и стигна до третата победа во низа, откако со 3:0 (25:19, 25:16, 25:13) ја совлада Македонија во Софија.
Македонија настани без капитенот Никола Ѓоргиев, кој беше во составот, но остана на клупата. Селекторот Јошко Миленкоски повеќе простор за игра им даде на играчите со поскромна минутажа.
Шанса да ја почувствуваат атмосферата од теренот им беше дадена на сите дебитанти, па така Михајло Мирасчиев го запиша првиот поен во националниот дрес на едно континентално натпреварување, Давид Стојанов доби поголем простор за игра, а истото се однесува и за Кристијан Илијев, кој беше во стартната постава.

Полска го диктираше темпото на игра и можеше да си дозволи да дозира со оглед на разликата во силата и квалитетот, додека Македонија се обиде да понуди што посилен отпор во сите три сета.
Александар Љафтов освои осум поени, Стојан Илиев имаше пет, додека Кристијан Илијев запиша четири поени во нашиот табор.
Со овој натпревар Македонија ги заврши дуелите со главните фаворити во групата и сега се насочува кон средбите со директните противници – Португалија и Израел, против кои ја бараме шансата за продолжен престој на ЕвроВолеј 2026.