Одбојкарите на Штип УГД она што го најавија во пресрет на реванш натпреварот од Лигата на шампионите со Орион Старс, го презентираа на теренот во СРЦ „Џексон“ во историската вечер за клубот и за градот Штип.
Понудија одлична одбојка, во скоро перфектна организација и атмосфера како што доликува за еден шампион. Пред полни трибини и во фер и коректна игра покажаа дека можат да се носат со екипи од елитното европско натпреварување, но она што е потребно е да бидат константни. Орион Старс се радуваше во тај-брејкот“ 2:3 (25:23, 20:25, 25:21, 10:25, 10:15) и обезбеди пласман во следната рунда.

Многумина го отпишаа Штип УГД по првиот пораз во Дутинхем, но екипата беше подготвена да им го докаже спротивното и малку недостасуваше македонскиот тим да игра „златен сет“ и да се обиде да избори опстанок во продолжението од Лигата на шампионите.
Голема борба, пожртвувана игра понудија избраниците на Кристиан Ристески, имаа предност од 1:0, односно 2:1 во сетови, но за жал ја платија цената на неискуството кога се во прашање големите натпревари на европската сцена.

На Орион Старс му требаа повеќе од два часа игра за да го запре Штип УГД, кој беше предводен од македонските репрезентативци Александар Љафтов со 17 поени и Стојан Илиев со 15 поени.
Европската приказна за Штип УГД не завршува, таа продолжува во ЦЕВ купот, каде во првата рунда македонскиот шампион е слободен и ќе се соочи со ривал директно во главната фаза.