Медитеранските игри во Таранто се втората акција во која женската сениорска репрезентација на Македонија ја предводи селекторот Милош Гавриловиќ. Ако во Европската лига 2026 репрезентативките и стручниот штаб се „навикнуваа“ едни на други и го учеа новиот систем, сега ситуацијата е сосем поинаква. Тоа го потврдуваат и одбојкарките и селекторот.
Уште на стартот на подготовките Гавриловиќ потенцираше дека цел на МИ 2026 ќе бидат две победи, а тоа го потврдува уште еднаш во пресрет на првиот меч денеска против Турција (17 часот) и додава дека екипата е подготвена.
„Целта на Медитеранските игри се две победи, најмалку, но и во дуелите со останатите противници нема да дозволиме да бидеме лесен ‘плен’ и ќе се бориме и ќе го дадеме нашиот максимум. Три недели добро трениравме, задоволен сум од некои сегменти на кои работевме. Од ден на ден бевме се подобри. Имавме и три контролни натпревари со У20 селекцијата на кои сакавме да видиме дали можеме да исполниме некои тактички задачи. Во некои делови успеавме, во некои не, но потоа корегиравме на тренинзите. Технички мислам дека сме подобри од претходно и подготвени сме за Медитеранските игри“ – коментира селекторот Милош Гавриловиќ.
Македонија на МИ во Таранто е дел од групата Б заедно со Турција, Грција, Алжир и Косово. Распоредот на групната фаза претрпе мали измени во пресрет на Игрите, па така нашите одбојкарки првиот меч го играат на 20 август од 17 часот против Турција. Вториот натпревар им е закажан на 24 август против Косово во 11 часот, на 26 август од 17 часот се соочуваат со Грција, додека последниот натпревар од групната фаза е на 27 август од 14 часот против Алжир. Сите натпревари Македонија ги игра во салата „Паламазола“ во Таранто.
На 29 и 30 август се играат полуфиналните дуели, односно натпреварите за медали.
За женскиот национален тим на Македонија ова е втор настап на Медитеранските игри откако претходно настапија и во Оран, Алжир во 2022 година.