Машката репрезентација на Македонија до 20 години паралелно со А националниот тим се подготвува во Крушево за премиерното учество во Зонските квалификации за Европското првенство во 2027 година.
Селекторот Јован Шапе, засега, нема никакви проблеми. Екипата работи напорно и посветено, а шансата да се „пробаат“ со своите врсници од соседството е голем мотив за нашите надежи. Свесни се дека ги чека тешка задача и силна конкуренција, но тоа не ги спречува да бидат позитивни.
„Одлична шанса за оваа генерација да игра за првпат во едни квалификации за Европско првенство. Поголем дел од играчите се знаеме меѓусебе од ланскиот настап на ЕМОФ и имаме одлична атмосфера во екипата. Добро се подготвуваме и се надеваме дека ќе ја оправдаме можноста која ни се дава“ – вели Драган Ставрев, кој ја доби и улогата на капитен на селекцијата.
Дел од одбојкарите од генерацијата до 20 години се најдоа на поширокиот список на селекторот на сениорската репрезентација на Македонија, Јошко Миленкоски и одработија еднонеделни подготовки во Крушево, во мај годинава кога А тимот се подготвуваше за учеството во Европската лига 2026. Од нив Митко Спасов доби шанса и да настапи за сениорскиот национален тим, а сега тоа искуство ќе го пренесува меѓу надежите.
„По одличното искуство со А репрезентацијата се враќам меѓу моите врсници, каде се надевам дека ќе успеам да пренесам дел од работите кои ги научив со сениорите. Мојата генерација сметам дека има голем потенцијал и квалитет, а шансата да играме едни евро-квалификации ќе ни овозможи да созрееме како екипа. Подготовките течат во најдобар ред и сите сме мотивирани во најдобро светло да се покажеме во квалификациите“ – истакнува средниот блокер Митко Спасов.
Македонија во Зонските квалификации кои ќе се играат од 25 до 29 август во Софија, ќе се соочи со домаќинот Бугарија, Србија, Турција, како и Русија и Белорусија, кои се вклучени во БВА квалификациите по тргнувањето на забраната за меѓународен настап на овие селекции.