Македонската репрезентативка Ерјона Јонузи во новата сезона ќе биде организатор на играта на словачкиот шампион Слован Братислава, кој официјално го претстави трансферот.
Техничарот, која во моментов е на подготовки со А националниот тим за настапот на Медитеранските игри во Таранто, претходно две сезони го носеше дресот на Нове Место, исто така од Словачка, а со својата игра како за клубот, така и за репрезентацијата го привлече вниманието на челниците на првакот.
Договорот е на една сезона, а Јонузи се надева дека ќе биде тоа одличен потег за развојот на нејзината кариера.
„Трансферот во Слован Братислава претставува голем чекор во мојата кариера и чест ми е што ќе бидам дел од еден од најреномираните клубови во Словачка. По неколкуте сезони поминати во словачкото првенство, верувам дека ова е вистинската средина за мојот понатамошен развој и напредок. Како репрезентативка на Македонија, секогаш се стремам да го дадам својот максимум и на теренот и надвор од него. Моја цел е да му помогнам на тимот да оствари значајни резултати и заедно да се бориме за највисоките позиции. Со нетрпение го очекувам почетокот на сезоната, запознавањето со новите соиграчки и можноста заедно да создадеме успешна приказна“, коментира организаторот на играта Ерјона Јонузи.

Јонузи интернационалната кариера ја гради во последните две години, додека потекнува од редовите на тетовска Шкендија, настапуваше и за Универзитет во Тетово, како и за Работнички Скопје, со кој има и шампионска титула.