Втората акција на женскиот сениорски национален тим летово е настапот на 20. Медитерански игри, кои од 21 август до 3 септември ќе се одржат во Таранто, Италија.
Селекторот на Македонија, Милош Гавриловиќ објави список од 16 одбојкарки кои ќе конкурираат за настапот на Игрите. Новиот список носи одредени промени, споредено со оној за Европската лига 2026, а една од причините е што дел од помладите репрезентативки во истиот период ќе имаат обврски со У20 селекцијата во Зонските квалификации за Европското првенство У20 во 2027 година, па поради тоа не може да се смета на нив. Од поискусните играчи во тимот се враќа Тамара Атанасова (претходно Стојанова) додека изостана Теа Терзиевска.

Првиот собир на репрезентацијата е закажан за 27 јули во 13 часот, во хотелот „Континентал“ во Скопје.
Македонија на Медитеранските игри ќе биде дел од групата Б каде за противници ќе ги има селекциите на Турција, Грција, Алжир и Косово, додека во групата А ќе се натпреваруваат Италија, Србија, Египет, Босна и Херцеговина и Сирија.
Натпреварите од групната фаза се играат од 23 до 29 август, додека елиминациите и финалето се во периодот од 30 август до 1 септември. Деталниот распоред организаторот дополнително ќе го објави.
За женската репрезентација на Македонија ова ќе биде втор настап во низа на Медитеранските игри откако претходно настапија на Игрите во Оран, Алжир во 2022 година.