Победа над Косово и пораз од Израел е резултатот со кој машката репрезентација на Македонија го заокружи настапот на третиот турнир во Европската лига 2026. Со тоа сениорите, според планот го завршија овој прв дел од циклусот квалификации за Европското првенство 2028, со биланс од три победи (Луксембург, Исланд и Косово) и три порази (Холандија, Грција и Израел) и во средината на табелата, 16. место со ист број на бодови, како и Хрватска и Словачка – девет.

Македонија настапот на третиот турнир во Приштина го отвори со третата победа во годинешното издание совладувајќи го домаќинот Косово со 3:0 (25:12, 25:19, 27:25). Нашите одбојкари доминираа во првите два сета, додека во третиот се опуштија и си дозволија постојано да бидат во позиција да бркаат резултат, се до финишот, кога прво изедначи на 23:23, а потоа ја искористија првата сет-меч топка за нови три бода.
Капитенот Никола Ѓоргиев освои 15 поени на овој натпревар, додека Стојан Илиев имаше 11, а Филип Савовски реализираше осум поени.

Во вториот дуел на овој турнир Македонија загуби од Израел, 0:3 (19:25, 19:25, 14:25). Најдобрите македонски одбојкари се обидоа да се спротивстават и особено во првите два сета понудија силен отпор, играа изедначено до средината на сетовите, но не најдоа начин како да го изненадат фаворитот.
Никола Ѓоргиев реализираше 15 поени, Филип Савовски имаше седум, додека Стојан Илиев запиша пет, а Лука Костиќ и Кристијан Илијев по три поени.

Со учеството во лига рундата Македонија го заврши настапот во Европската лига 2026, која беше прва акција за сениорите летово. Репрезентативците имаат одмор до 5 август, за кога во Крушево е закажан стартот на подготовките за учеството на Европското првенство 2026 во Софија.