Женската А репрезентација веќе се адаптира во Порто каде утре и в недела ги игра првите два натпревари од првиот викенд во Европската лига 2026, која од оваа година претставува и прв дел од циклусот за Европското првенство 2028 година.
Новиот селектор Милош Гавриловиќ за првпат ќе ја води Македонија на еден официјален натпревар, утре, 18 часот, кога се соочуваме со Унгарија. По долгиот лет репрезентацијата имаше мирно претпладне, додека попладнево треба да го одработи официјалниот тренинг пред првиот натпревар. Атмосферата е на високо ниво, сите се чувствуваат добро и го очекуваат првиот предизвик, во третиот за нив настап во Европската лига.
„Позитивно расположени влегуваме во ова издание на Европската лига. Свесни сме за квалитетот на противниците со кои ќе се соочиме не само на овој турнир, туку и на другите два. Истовремено веруваме и во себе. Имаме нов стручен штаб и подмладен тим, но напорно работевме на градење на еден нов систем, има убава хемија и енергија меѓу одбојкарките и сите сме нетрпеливи да докажеме зошто секоја од нас доби шанса да биде во составот. Ни недостасуваат дел од поискусните како Стојанова, Баталаковска… но ќе се обидеме ние кои имаме подолг репрезентативен стаж да им дадеме колку што можеме повеќе поддршка на помладите и ќе дадеме се од себе да изненадиме. Унгарија и Португалија се поквалитетни од нас и искрено мислам дека ќе не потценат, а и од она што го имаме како информации и што ги анализиравме имаме и простор за изненадување, секако доколку играме паметно и дисциплинирано. Ќе имаме шанса да го гледаме и дуелот меѓу Унгарија и Португалија денеска и тоа ќе ни овозможи да добиеме уште подобра слика за противниците“ – смета Теа Терзиевска, една од поискусните одбојкарки во составот.
Македонските одбојкарки првпат во својата искорија ќе се соочат со Унгарија на едно натпреварување.