Искусниот репрезентативец и интернационалец Александар Љафтов ќе го пропушти комплетниот настап на машкиот национален тим во Европската лига 2026, откако заработи сериозна повреда на скочниот зглоб на пријателскиот натпревар со Црна Гора.
Деталните лекарски прегледи покажаа дека Љафтов има скинати лигаменти на скочниот зглоб и дека најмалку месец дена ќе мора да паузира.
„Голем хендикеп за нас“, коментира селекторот Јошко Миленкоски. „Љафтов со своето искуство, квалитет и формата во која ја одигра оваа сезона комплетно подготвен се стави на располагање на репрезентацијата и реално ова е голем удар за нас. Изгледавме многу убаво на теренот на првиот натпревар, споредено со лани овој период, се функционираше одлично. И се случи повредата, откако противнички играч влезе во нашето поле и Љафтов на доскок згази на него“, објаснува македонскиот предводник.
Репрезентацијата од денеска е во Струмица каде ќе ја одработи завршната фаза од подготовките, а стручниот штаб е со дополнителни главоболки во дефинирањето на списокот.
„Остануваме без еден од лидерите на тимот, но ќе комбинираме со она што имаме на располагање. Овие неколку дена ќе ги искористиме тие две-три опции кои ги имаме за да најдеме најдобро решение и да направиме што повеќе комбинации кои ќе ни помогнат да го пополниме отсуството на Љафтов. Ќе работите на финесите и на дефинирање на тимот во пресрет на првите два натпревари. Исто така од денеска започнуваме и со анализи на Холандија и Луксембург, односно да видиме со какви противници ќе се соочиме и да поставиме тактика со која ќе може соодветно да одговориме на нивната игра“, додава Миленкоски.
Македонија в петок од 19 часот во салата „Парк“ во Струмица ќе ја пречека Холандија во првиот меч од Европската лига 2026, додека на 7 јуни (недела) исто така од 19 часот се соочува со Луксембург.