„Бранко Хаџииљоски – Чајка“ Супер купот кој денеска ќе сублимира два значајни моменти во македонската одбојка – јубилејното 50. издание на меморијалниот турнир и премиерата на Супер купот на Македонија, ќе биде отворен со машкиот натпревар.
Од 17 часот во салата на ДСЕУ „8. Септември“ во Тетово ќе се соочат минатогодишниот освојувач на првенството и Купот, УГД Штип и финалистот и во првенствениот плеј-оф и во Купот, ГОК Борец.
Ривалите одлично се познаваат меѓусебе и покрај фактот дека и двата тима претрпеа промени во играчкиот кадар во текот на летната пауза. „Чајка“ Супер купот е одлична увертира за двете екипи во пресрет на официјалниот старт на новата сезона во домашното првенство, но противниците се согласни и дека настапот на ваков јубилеј е чест, задоволство, но и одврска да понудат што поквалитетна одбојкарска претстава.
„Пред сè, задоволство ни е што ќе бидеме дел од првото издание на Чајка Супер купот. Сметам дека ова е одлична можност за промоција на македонската одбојка и уште еден квалитетен натпревар кој ќе привлече внимание кај одбојкарската јавност. Бидејќи натпреварувањето се одржува за прв пат, имаме и дополнителна обврска да пристапиме максимално сериозно, мотивирано и да се претставиме во најдобро светло. За противник ја имаме екипата на ГОК Борец, тим составен од квалитетни домашни и странски играчи кои добро ги познаваме. Во изминатите четири години немаме пораз во меѓусебните дуели, но тоа за нас не значи ништо пред почетокот на овој натпревар. Станува збор за еден меч, за трофеј, и свесни сме дека и двете екипи ќе влезат со голема желба за победа. Нашата цел е да одиграме квалитетно, дисциплинирано и со максимална енергија од првиот до последниот поен. Верувам дека публиката ќе има можност да гледа вистински одбојкарски спектакл, со многу атрактивни поени, борбеност и неизвесност до самиот крај. Се надевам дека со добра одбојка ќе го одбележиме првото издание на Чајка Супер Купот на најдобар можен начин“, вели тренерот на УГД Штип, Кристиан Ристески.
Истото мислење го делат и во таборот на ГОК Борец.
„Чест и задоволство е да се игра на ваков јубилеј 50. години Чајка и прв Супер куп. Оваа година ќе ја заокружиме со уште едно финале на првиот Супер куп по двете финалиња во првенството и Купот од ланската сезона. За нас како клуб, кој слави јубилеј 70-години од формирањето (1956), навистина успешна, плодна година. Конкретно за натпреварот, нашата екипа ќе игра во изменет состав од претходната сезона. Новите играчи треба да се адаптираат на играта и тимскиот дух на екипата, и фаворитската улога му ја препуштаме на противникот УГД Штип. Сепак секоја шанса или момент на опуштање на ривалот ќе се обидеме да ги искористиме. Се надеваме дека ќе го дадеме максимумот и ќе се претставиме во најдобро светло, како што доликува за еден ваков јубилеј“, потенцира Петре Жабев, предводникот на ГОК Борец.
Машкиот дуел во „Чајка“ Супер купот ќе биде најава дуелот во женска конкуренција, кој ќе се игра од 19:30 часот, а во кој ќе се сретнат шампионот Работнички Скопје и освојувачот на куп-титулата Вардар ЕМ.