Фото: ОФМ/Вангел Тануровски
Претставниците на македонската одбојкарска заедница кои во саботата присуствуваа на Редовниот годишен семинар за судии и делегати во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје, во организацијата на Судиската организација на ОФМ, имаа привилегија да го следат предавањето на еден од визионерите на модерното судење – претседателот на Европската судиска комисија при ЦЕВ, Артуро Ди Џакомо.
Првиот човек на Комисијата во Скопје пред националните и меѓународните судии и делегати, како и тренери и други претставници на Федерацијата ја презентираше својата визија за модерното судење кое треба да ја следи модерната одбојка, за еволуцијата на судиите во тој процес и за промените во перцепцијата на улогата на делителите на правдата во еден натпревар, која новите правила на ФИВБ треба да ја донесат.
Правилата кој ФИВБ и ЦЕВ ги воведоа на почетокот на 2026 и кои се тестираа низ натпреварувањата во текот на летниот период официјално стапуваат на сила во новата сезона, а нивното разбирање и имплементација е важно за сите чинители на еден одбојкарски натпревар.
ЦЕВ и ФИВБ засилено работат на промена на филозофијата на одбојката и на имплементацијата на многу помодерна визија на одбојката како за играчите, така и за судиите, но и за публиката. Артуро Ди Џакомо беше расположен детално да го објасни процесот одвојувајќи време за мини-интервју за сајтот на ОФМ.
ЕВОЛУЦИЈА НА МОДЕРНОТО СУДЕЊЕ
◊ Како ја гледате улогата на одбојкарскиот судија во однос на барањата/потребите на современата одбојка?
„Модерната одбојка е тесно поврзана со модерното судење. Тоа значи дека судијата мора да ги знае правилата – секако, но новата визија е дека судијата мора да биде повеќе менаџер во натпреварот. Прво тој мора да ја разбира динамиката на натпреварот, односно дека судијата е учесник во целокупната акција, а тоа значи мора да ја разбере играта и да биде дел од играта. Второ – не треба непотребно да интервенира и да предизвика несакани проблеми со мали детали. Најважна е превенцијата и да најде начин како да го продолжи мечот. Затоа ги тестиравме новите правила кои треба да донесат подобрување. Најважната порака која мора да се пренесе е дека целта е да се заштити и интегритетот на судиите, а за тоа ни треба и компетенција и да се разбере уметноста на судењето, што беше и моја цел на Семинарот во Скопје“, објаснува првиот човек на Европската судиска комисија, Артуро Ди Џакомо.

ТЕХНОЛОГИЈАТА И ИДНИНАТА НА СУДЕЊЕТО
◊ Технологијата станува сè поважен дел од современата одбојка, од системот за „Challenge“ и видеоанализата до новите дигитални алатки. Како гледате на влијанието на технологијата врз иднината на судењето?
„Технологијата денеска има многу важна улога во модерната одбојка, но најважното е што таа е алат за поддршка на судиите и истовремено да ја покаже вистината, да го подобри фер-плејот и транспарентноста на играта. Технологијата не ја превзема улогата на судијата, туку таа е алат за да помогне и во тоа сме согласни и во ЦЕВ и во ФИВБ. ‘Челинџ системот’ е особено ефикасен и ја редуцира нервозата во случај на недоразбирање меѓу играчите, тренерите, судиите и публиката… Технологијата ни нуди можност која мора да ја прифатиме! Имаме можност да ја користиме и за едукација на судиите, за анализа на натпреварите – ова важи и за тренерите, и можеме да го надгледуваме настапот и комуникацијата, и интеракцијата меѓу сите чинителите на играта, но и меѓу публиката за да се има појасна слика за она што се случува на теренот. Технологијата треба да ја гледаме како асистент!“
ЗАЈАКНУВАЊЕ НА ОДНОСОТ МЕЃУ ЕСК И НАЦИОНАЛНИТЕ ФЕДЕРАЦИИ
◊ Како Европската судиска комисија може дополнително да ја зајакне соработката со националните федерации и каква е нивната улога во подготовката на следната генерација меѓународни судии?
„Долги години сум дел од ЦЕВ и сега како прв човек на Судиската комисија одржувам контакти со сите национални федерации затоа што развојот на судиите во Европа не може да биде постигнат само преку ЦЕВ, нам ни се потребни Федерациите кои ни се партнери во процесот. Затоа мора да имаме константна комуникација и заеднички преку семинари, активности и работилници, размена на искуства да создаваме услови да имаме најдобра пракса. На пример може да поканиме судии од помалите земји да судат на пример во Вторите лиги во Турција или Италија, каде квалитетот е на многу повисоко ниво, а искуството кое ќе го добијат тие судии е сосема различно од нивото на кое се навикнати. Тоа е некој мој проект, мора визија. Потоа и нивото на развој на некои земји е различен, видовте и годинава на ЕвроВолеј – Финска, Романија, Грција, Белгија… тие дојдоа како убаво освежување. Мислам дека ЦЕВ мора да биде близок до своите Федерации, да слуша, да објаснува и да поддржува, бидејќи тоа е единствениот начин да им се овозможи на новата генерација на судии да стигнат до едно високо ниво.“

РАЗВОЈ НА СЛЕДНАТА ГЕНЕРАЦИЈА СУДИИ
◊ Постојан развој на судиите и создавање на што поквалитетна следна генерација е во фокусот на ЦЕВ и националните федерации. Што е она што е потребно, кои квалитети се најважни за идните судии?
„Јас сум повозрасен, но со богато искуство, кое ми дозволува да креирам и нови визии за судењето. Менуваме многу нешта и воведуваме ‘тренер на судии’, тоа ќе значи дека наша задача ќе биде да ја научиме новата генерација на судии да бидат повеќе психолози. Пораката која треба ‘тренерот на судии’ да ја испрати на новата генерација е дека мора да бидете мудри, вие сте дел од играта, вие сте менаџерите, вие не сте повеќе ‘полицаец’ и насочете го вниманието кон тоа. Не се двоумете да ја објасните вашата одлука со вашиот говор на телото, личноста која сте, харизмата… Тоа е ‘товарот’ за новата генерација на судии и тоа е нашата цел да им го објасниме. Понекогаш новата генерација сака да оди побрзо, но такво е општеството во кое функционираат – имаме ајфон, социјални медиуми, сѐ. Еден мој совет за новата генерација, не бидете егоистични и арогантни и оставете ги социјалните медиуми, тоа е негативност за нашата професија.“
◊ Големи се разликите меѓу националните федерации кои функционираат на европската мапа. Како ЕСК може да им помогне на помалите Федерации да изградат одржливи програми за развој и напредок на судиите?
„Претседателот на ЦЕВ, Роко Сикириќ, е посветен кон поддршката на малите Федерации. Зошто? Затоа што одбојката е еден спорт насекаде. Секако и за судиите е многу важно тоа да се создаваат услови, да се создаваат квалитетни судии во сите земји и така и тимот ќе расте. Ќе се повторам, Финска направи добар резултат на ЕвроВолеј, но тие играа со срце, а не со пари и тоа прави разлика. Истото се однесува и на Романија и на Грција… И ние мора да го препознаеме тој прогрес и на талентираните судии да им овозможиме да добијат меѓународно искуство и да им покажеме кои се вредностите. Затоа даваме поддршка и работиме на нов програм, кој треба да го развиеме во следните две години, и со кој на пример ќе им овозможиме на двајца талентирани судии од Ирска да судат во Белгија или во Франција во Втората лига, а потоа како ‘тренер на судии’ ќе се вратат дома и своето искуство ќе го пренесат на своите национални колеги.“
◊ Кое е Вашето мислење за квалитетот на македонските судии?
„Имам одлични контакти и соработка со моите колеги во Македонија. Најважна е комуникацијата и секако самонабљубувањето. Ние се трудиме да ги надгледување сите судии, но исто така е важна и нивната свесност за новото кое го имаат, како и комуникацијата која ја имаме за тие да се надградат и да растат. Во Македонија видовме дека има млади судии кои доаѓаат, има нова генерација, па дури и на жени судии, што радува. И тоа е една од визиите на ЦЕВ и ФИВБ – што повеќе женски судии, и поради тоа им се даде можност и жените судии да делат правда на сите натпревари кои го отворија ЕвроВолеј 2026 во машка конкуренција. Ние ја даваме можноста, но судиите се тие кои мора да ја искористат.“

ВИЗИЈАТА ЗА ИДНИНАТА НА СУДЕЊЕТО
◊ Која е визијата која Европската судиска комисија и Вие, како нејзин претседател ја имате за иднината на судењето? Како би сакале да изгледа европското судење за пет години од сега?
„Визијата е дека мора да се создадат можности и да се мотивираат младите судии. Тоа е проблем кој го имаме во сите земји, да ги привлечеме судиите да се приклучат и сега пробуваме да го направиме тоа со различни проекти. ЦЕВ ги штити судиите, ние не сме против нив, ние сме за нив. Работиме на академски кампуси, семинари, курсеви и работилници. Визијата е да се прати порака дека судиите мора да имаат отворен ум и дека тие не се повеќе во мечот за да го контролираат, туку тие треба да се адаптираат на мечот. Тоа е најважната работа за нас и не е лесно да се спроведе тоа затоа што зависи и од одговорот кој ќе го добиете од судиите. Тоа, пак, е во тесна врска со личноста на судијата, чувството кое го имаат, затоа што сега дефиницијата е менаџер, а менаџирањето на натпреварот станува слично како и улогата која ја има играчот во мечот. И затоа ја менуваме филозофијата за да дадеме поголема визија на новата генерација во однос на менаџирањето на натпреварите.“