Еден од најстарите и најконстантните спортски настани во Македонија, но и во одбојкарскиот календар е меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“, кој оваа година го прославува јубилејното 50. издание.
Организаторите на турнирот, семејството на одбојкарската легенда, Хаџииљоски, како и Одбојкарската федерација на Македонија одлучија Меморијалот од ова јубилејно издание да добие нова димензија, односно да премине во Суперкуп на Македонија, кој ќе продолжи да се одржува секоја година пред почетокот на новата сезона.
„По пет децении одржување на турнирот донесовме заедничка одлука со Федерацијата од ова јубилејно издание истиот да премине во Суперкуп, кој ќе го носи името ‘Бранко Хаџииљоски Чајка’ Суперкуп. Низ годините бевме сведоци дека овој турнир беше ставен во функција на националните тимови, се одржуваше и на клупско ниво, мажи и жени, ветерани… Мислам дека преминот во Суперкуп ќе претставува сублимат на најдоброто на домашната сцена и во машка и во женска конкуренција“ – потенцира Ивица Хаџииљоски, син на легендата и актуелен потпретседател на ОФМ.
50. јубилеј на турнирот „Чајка“ ќе се одржи на 7 октомври (среда) во салата на Средното економско училиште „8. Септември“ во Тетово.
Програмата ќе стартува со Суперкупот во машка конкуренција во кој ќе се сретнат ланските финалисти во првенството и во Купот, Штип УГД и ГОК Борец од 17 часот, додека во 19:30 часот ќе се игра и женскиот Суперкуп меѓу шампионот Работнички Скопје и освојувачот на Купот на ОФМ 2026, Вардар ЕМ.