Македонскиот женски национален тим откако вчера се аклиматизираше во Порто, денеска (18 часот) против Унгарија го започнува настапот во Европската лига 2026, која од оваа година ја превзема улогата и на квалификациски циклус за Европското првенство 2028.
Со нов селектор и стручен штаб, како и сериозно подмладен состав репрезентацијата влегува во нова „трка“ за пласман на еден континентален собир. Реалноста е дека Македонија има силни противници, со подобар ранкинг од нас, но и поголемо искуство. Тоа не значи дека девојките однапред ќе се предадат, напротив ќе дадат се од себе и ќе се обидат да изненадат.
„Не сме 100 посто подготвени поради кусиот временски период кој го имавме заедно, но одработивме квалитетни подготовки и девојките напорно работеа и не се сомневам дека секоја од нив ќе го понуди максимумот на овие дуели. Имаме добри ривали и ќе пробаме да се надигруваме со нив, да видиме до каде сме. Тоа не значи дека влегуваме со бело знаме. Напротив, топката е округла и имаме право да се надеваме. Влегуваме без притисок, треба само мирно да играме и да ја бараме шансата шанса, па зошто да не и да изненадиме. Имавме доволно информации за Унгарија, го гледавме нивниот меч и со Португалија вчера, јасно ни е за каков противник станува збор. Повеќе сакам да се фокусирам на нашата игра и на она што ние го имаме како квалитет и ќе се обидеме да го искористиме во овој прв дуел“, вели селекторот на Македонија, Милош Гавриловиќ.
Фокус на нашата игра и почитување на договореното е она што дамите ќе се потрудат да го спроведат на теренот попладнево – потврдува капитенот Емилија Попјордановска.
„Од самиот старт на овој циклус секоја од нас посветено работи на визијата на новиот стручен штаб со кој добивме на свежина и нов систем на работа. Успеавме брзо да се адаптираме едни на други и имавме добро подготовки. Младите носат нова енергија, со мотивот и поттикот кои им ги дава понудената шанса, а обврска на нас поискусните е да ги водиме низ овој процес преку личен пример. Ако пријателскиот двомеч со Косово беше лекција за нас да видиме до каде сме и кои се нашите аномалии во играта, сега, на официјалните натпревари мора да влеземе поодговорно и подисциплинирано, да ги намалиме грешките и да ја испочитуваме поставената тактика од прв до последен поен. Имаме тешки, квалитетни противници во овој циклус, но остануваме фокусирани на нашата игра. Верувам дека доколку одиграме концентрирано и го покажеме тоа што знаеме на терен ќе имаме позитивен резултат“, заклучува либерото на репрезентацијата.
Натпреварот меѓу Македонија и Унгарија, денеска (18 часот) ќе има директен пренос на регионалниот канал Арена Спорт 2.