Не е целосна промена на генерацијата, туку постепено младите ќе преземаат позначана улога во македонската одбојкарска репрезентација. Токму затоа е значајна годинашната Европска златна лига. Нема да биде прват Македонија да игра во елитното натпреварување на ЦЕВ, но во оваа репрезентативна акција поважни се двата августовски квалификациски натпревара за следното Европско првенство.
Естонија е првата од шесте епизоди за македонскиот национален состав во реновираната Европска златна лига. На првиот од трите турнири ние сме домаќини во спортската сала „Парк“ во Струмица, па со поддршка на публиката ќе се обидеме да одиграме за да останеме на нивото од лани кога бевме осминафиналисти на континенталниот собир. Тогаш бевме коорганизатори, го остваривме и најголемиот резултат, што значи дека за нас треба да постои резултатски императив. Но не мора сега, не против Естонија денеска и против Чешка в недела, како ни на претстојните гостувања во Белгија и во Хрватска. Овој тим треба да расте без Деспотовски и без Љафтов, а шансата да ја користат сите.
„Сакам да ја видам Македонија растоварена, без стрес, сакам да летаме по теренот. Не сакам да си наметнуваме притисок, иако сите ние имаме желба да победиме, но се надевам дека таа желба нема да не спушта долу, туку дека ќе не крене нагоре и дека ќе извојуваме победа со поддршка на нашите навивачи. Најважно од се е да имеме дисциплина, храброст, самодоверба и срце на терен“, вели капитенот Никола Ѓорѓиев.
Естонците не ја минаа групата на последното ЕУРО. Играa во Италија, не освоија сет против домаќинот, против Србија и против Германија, загубија со 3:1 од Белгија, а ја совладаа Швајцарија со 3:2. На европските шампионати Естнците се од 2009-та, односно имаат пет по ред, вкупно седум, или, поинаку кажано, од последните осум промашија само едно, во 2013-та.
„После одгледаните неколку видеа, заклучивме дек Естонија е сериозна екипа, знаеме каде и е местото и како котира во европски рамки. Тоа е екипа којашто не греши многу, а ние треба да играме храбро. Нам ни е важна играта, сакам да биде на што повисоко ниво, а потоа се надевам дека ќе дојде и резултатот, се разбира со помош од публиката“, изјави селекторот Хари Наковски.
Македонија и Естонија играа шестпати во последната деценија. Ривалот беше подобар од нас на четири натпревари, меѓу нив и во финалето на Европската сребрена лига во 2016-та во Варна. Година пред тоа, ние ги совладавме во полуфиналето во Полска, a ја добивме и последната пресметка, во квалификациите за Европското првенство 2017-та.
Така беше пред осум години, сега составите се поинакви, па тешко е да се прогнозира врз база на историјата. Победата не е најважна, но е посакувана. Затоа навивајте за Македонија, во сала или на МТВ-1 сеедно. Поддршката се чувствува на терен.
————————————————————————————————————–
Состав за натпревариот со Естонија:
Техничари: Ѓорѓи Ѓорѓиев (Бурса-Турција), Давид Стојанов (Фужинар-Словенија)
Коректори: Никола Ѓорѓиев (АЦХ Љубљана – Словенија), Стојче Арсов (Работнички 71&22)
Примачи: Владо Милев (Струмица 47&72), Лука Костиќ (Рибница – Србија), Стојан Илиев (Анагенисис – Кипар), Ангел Бошков (Работнички 71&22)
Средни блокери: Филип Маџунков (Хасроде – Белгија), Филип Савовски (Војводина – Србија), Филип Лепидовски (Таково – Србија), Михајло Мирасчиев (Штип УГД)
Либера: Дарко Ангеловски (Работнички 71&22), Костадин Ричлиев (Штип УГД
————————————————————————————————————–
Распоред на натпревари во Европска златна лига 2024:
17.05.2024 (Струмица, 20.15): Естонија – МАКЕДОНИЈА
19.05.2024 (Струмица, 20.15): МАКЕДОНИЈА – Чешка
25.05.2024 (Беверен, 17.30): МАКЕДОНИЈА – Азербејџан
26.06.2024 (Беверен, 15.00): Белгија – МАКЕДОНИЈА
31.05.2024 (Осиек, 19.00): МАКЕДОНИЈА – Хрватска
01.06.2024 (Осиек, 19.00): Шпанија – МАКЕДОНИЈА
—————————————————————————————————————
Квалификации за Европско првенство 2026
17/18.08.2024 Грузија – МАКЕДОНИЈА
25.08.2024 МАКЕДОНИЈА – Грција