Поразот од Украина не ги разниша македонските одбојкари, напротив, тренинзите деновиве беа уште пожестоки, а посветеноста и мотивацијата за докажување создадоа расположение за прв успех во Европската златна лига. В среда ни доаѓа Белгија, која е редовно на континенталните собири, на Светското првенство во 2018-та играше и во втората фаза, а го освои златото во единствената Европска лига во 2013-та.
Реномето на противникот е за почит, но не и за страв, затоа што сегашната генерација на селекторот Емануеле Ѕанини е подмладена. Од последното европско ги нема примачот Деро, коректорот Туерлинк, техничарот Ван Дер Дрис, блокерите Дехер и Ван Елсен. Во тимот со играчи родени по 2000-та, значи на возраст до 23 години, сега е само Десме. Тоа претпоставува дека нашиот искусен состав, пред своја публика во „Борис Трајковски“ може да се надева на добра игра, зошто не и на победа, особено што на другата страна на клупата ќе биде стратег којшто го совладавме во полуфиналето на Европската сребрена лига во Струмица пред две години. Тогаш Италијанецот Ѕанини беше на клупата на Хрватска и ни создаде многу проблеми иако на крајот се радувавме на победа
Ѕанини ја предводеше Белгија до домашен триумф над Хрватска во саботата, а нема сомнеж дека ќе ја има вистинската тактика и против нас, но и ние ќе вратиме на соодветен начин. Миленкоски во кариерата победуваше и поголеми тренери од Ѕанини, кој беше претходник на македонскиот селектор на кормилото на турската репрезентација. Македонија сега има ново руво, а победа против Белгија ќе биде вистински залет пред она што претстои. За нас, во Европската лига ќе биде доволно да си докажеме себеси дека сме подобри. Другото ќе се отвори тогаш кога ќе биде најпотребно.