Четвртиот натпревар во групната фаза на ЕвроВолеј во Софија, машкиот национален тим на Македонија го игра попладнево, 15 часот, по македонско време во арената „8888“ во Софија кога се соочува со директниот конкурент за пласман во осминафиналето, Португалија.
Двете репрезентации во меѓусебниот дуел ја бараат првата шанса за радост во ова издание од континенталниот собир. За разлика од Македонија која загуби во трите натпревари со главните фаворити – Полска, Бугарија и Украина, Португалците покрај максималните порази од овие три селекции, одиграа исцрпувачки дуел и со Израел, кој го загубија во тај-брејк, 2:3.
За разлика од македонските одбојкари кои имаа „поволен“ распоред досега, односно со ден одмор меѓу натпреварите, за Португалија ова ќе биде трет натпревар во три дена.
Интересно е дека и Македонија и Португалија по четвртипат во низа играат на ЕвроВолеј и ова ќе биде нивно прво соочување на континенталните собири. Низ историјата Португалија има 3-0 победи во меѓусебните дуели. Последно овие две селекции имаат игра во квалификациите за Светското првенство во јануари 2014 година во Ниш, кога загубивме со 3:0. Претходно Португалија има и две победи во три сета во квалификациите за ЕП во мај 2010 година.
Македонските репрезентативци со сериозен оптимизам го очекуваат денешниот дуел, со надеж дека ќе стават крај на оваа негативна серија и во меѓусебните соочувања, но и на ЕвроВолеј 2026.