Настапот на четвртото Европско првенство во низа за машката сениорска репрезентација на Македонија започнува попладнево, 18 часот по македонско време, кога во арената „8888“ во Софија ќе се соочи со домаќинот Бугарија.
Веќе е добро познато дека Македонија е дел од групата Б, каде покрај Бугарите како ко-домаќини и актуелни светски вицешампиони, силите ќе ги измериме и со Полска, која ја брани титулата, потоа Украина, Португалија и Израел.
Бугарија и Македонија ќе го отворат 34. издание на континенталните собири и тоа ќе биде 99. натпревар на ЕвроВолеј во машка конкуренција одигран на бугарско тло. Арената „8888“ е комплетно подготвена за спектакл, кој во живо ќе имаат можност да го следат околу 12-13 илјади гледачи.
Бугарија во овој дуел влегува како апсолутен фаворит, но противникот истовремено покажува почит кон искуството кое го има во македонскиот тим. За нив добро се познати браќата Никола и Ѓорѓи Ѓоргиев, како и Александар Љафтов, кои дел од својата играчка кариера ја градеа и во бугарското првенство.

Македонија и Бугарија одлично се познаваат меѓусебе. Последен пат играа на минатогодишниот меморијален турнир „Бранко Хаџииљоски Чајка“ кога во Скопје противникот настапи со комбиниран состав и запиша победа. Претходно со Бугарите имаме играно четири пријателски натпревари во кои исто така тие биле победници.
Што се однесува до официјални натпревари последен пат Македонија и Бугарија се соочиле во Европската лига 2016 година, а тогаш нашата репрезентација имаше две победи од по 3:1, во Варна и во Софија.
Македонската репрезентација во дуелите со домаќините на ЕвроВолеј има статистика од една победа и два порази. На ЕП 2019 во Љубљана со 3:1 ја победивме Словенија, додека на ЕП 2021 во Тампере со истиот резултат загубивме од Финска. На ЕП 2023 во осминафиналето во Бари со 3:0 Италија беше подобра од нас.
Македонските репрезентативци имаат јасна мисија пред себе: да се даде најдоброто, да се биде „тврд орев“ за секој и да се зграби секоја шанса за подобар резултат.