Ѓоргиев и Црвена Звезда со беспрекорен учинок

Организаторот на играта на националниот тим на Македонија, Ѓорѓи Ѓоргиев и неговиот тим Црвена Звезда, имаат беспрекорен старт на сезоната во најсилната српска лига, откако викендов ја запишаа четвртата победа во исто толку одиграни натпревари.

Ѓоргиев и соиграчите славеа со максимални 3:0 (25:21, 25:22, 25:19) на гостувањето кај ВГСК. Техничарот го одигра целиот натпревар, а со новите три бода Црвена Звезда е на второто место на табелата со 11 бода, еден помалку од лидерот Партизан.

РИСТОСКИ И ИББ СПОР СЕ ВРАТИЈА НА ПОБЕДИТЕ

Македонскиот стратег Жарко Ристоски и ИББ Спор се вратија на победите во турската Суперлига. Тие со 3:0 (25:17, 25:18, 25:22) го совладаа Газијантеп, кој е еден од директните конкуренти за повисок пласман на табелата. Со оваа победа избраниците на Ристоски ставија крај на лошата серија од три порази во низа, а и се искачија и за едно место погоре на табелата, сега се осми.

ПРВ ПОРАЗ ЗА ФАСУЛЕВА И ТИРАНА

По шест кола прекината е победничката серија на Ана Фасулева и Тирана во албанското првенство. Тие викендов загубија на гостувањето во Корча, кај Скендербег со 3:0 (25:23, 25:23, 25:19), што значеше прв пораз за тимот на интернационалката во новата сезона.

Другите резултати од ова коло исто така влијаеја на промената на позициите на табелата, па сега Поградец е лидер со 18 бода, Тирана падна на второто место со 16. бода, следена од Скендербег и Теута.

ЈОНУЗИ НА БОЛЕДУВАЊЕ, МИЛЕВСКА БЕЗ МИНУТАЖА

Техничарката Ерјона Јонузи го пропушти натпреварот на нејзиниот Слован Братислава, овој викенд поради здравствени проблеми. Додека Јонузи е на „боледување“ Слован го запиша првиот пораз сезонава во словачката Екстралига од еден од директните ривали за врвот – Славиа ЕУБА (3:0). Сепак, Слован го задржа второто место на табелата, но сега со два бода зад лидерот Универзитет од Злина, додека ЕУБА е трет со ист број на бодови како тимот на македонската интернационалка (20 бода).

Андротеа Милевска, пак, во романскиот шампионат, беше во составот на ЧСМ Букурешт, кој ја запиша втората победа сезонава, 3:1 (25:22, 25:22, 22:25, 25:21) над Лугој во седмото коло од првенството. Сепак, коректорот не доби простор за игра и понуди поддршка од клупата. Милевска, која премиерно игра надвор од Македонија очекувано добива простор за адаптација во тимот.