ЦЕВ агенда: Елитен реванш за Штип УГД, нови европски предизвици за Работнички Скопје и Јанта Волеј КВ

Три од четирите македонски претставници сезонава во европските клупски купови се активни неделата.

Машкиот првак Штип УГД в среда во СРЦ „Џексон“ во Штип (18 часот) го игра реванш натпреварот од ЦЕВ Лигата на шампионите против холандски Орион Старс. Македонскиот шампион минатата седмица го загуби првиот меѓусебен дуел на гостувањето во Дутинхем, па сега на домашен терен ќе бара шанса за да остане во игра во елитното натпреварување. За штипјани натпреварот е со предзнак историски, со оглед на тоа дека за прв пат во градот под Исарот ќе се игра еден натпревар од Лигата на шампионите.

Одбојкарките на Работнички Скопје, пак, ја продолжуваат традицијата да бидат активни на европската сцена. Оваа сезона ќе се натпреваруваат во рамките од ЦЕВ Челинџ купот, каде за противник го имаат грчки Заон Кифисиа. Македонскиот првак имаше статус на носител при ждрепката, па така првиот меч го игра на гости, утре (27 октомври) во 17 часот по македонско време, во спортската сала „Зиринио“ во Кифисија, предградие на Атина.

По минатогодишното деби од соништата во ЦЕВ Лигата на шампионите, Јанта Волеј КВ годинава ќе го гледаме во ЦЕВ Челинџ купот. Во првото коло екипата се соочува со чешка Прага. Првиот меч македонскиот претставник го игра на домашен терен, односно во спортската сала во Куманово, утре (27 октомври) од 19:30 часот.

Последниот македонски претставник во Европа годинава, Струмица 47&72 со обврските во европските купови започнува кон средината на следниот месец.