Одбојкарките на Газели Волеј и на ЖОК Вардар ЕМ со тај-брејк победи над Младост УГД, односно Јанта Волеј КВ ја продолжуваат победничката серија во второто коло од Првата лига жени.
Во последните дуели на програмата викендов, ривалите понудија и тоа како интересни натпревари со многу возбудувања и пресврти.
Газели Волеј и Младост УГД во СЦ „Форца“ одиграа одличен меч, исполнет со многу пресврти, надигрување и убави поени. Двата тима покажаа дека ќе претендираат за високите позиции на табелата сезонава, а меѓусебното соочување беше игра на нерви, особено тај-брејкот.
„Газелите“ имаа сигурен старт и предност од 1:0, односно 2:1 во сетови, но Младост УГД најде начин како да остане во игра. Решавачкиот сет претставуваше сериозен испит и за едните и за другите. Штипјанки имаа во неколку наврати предност од два поени (4:6, 11:13), па дури имаа и сет и меч топка на 13:14, но не ја искористија. Газели Волеј останаа мирни кога беше најпотребно и излегоа како победници добивајќи го сетот на разлика, 16:14. За Младост УГД ова е втор натпревар во низа кој го губат во пет сета.
Истовремено на теренот во салата „Невена Георгиева Дуња“ во Скопје се соочуваа градските ривали Јанта Волеј КВ и ланскиот освојувач на Купот, ЖОК Вардар ЕМ. Иако домаќинот отвори со стабилна игра и поведе со 1:0, „вардарки“ се вратија во продолжението, а имаа и водство од 1:2. Одбојкарките на Јанта се изборија за петти сет, вторпат за нив, по минатиот викенд во Штип, но сега не излегоа како победници.
„Црвено-црните“ со втората победа во низа остануваат да котираат меѓу водечките на табелата.
Врвот по второто коло го превзема Наковски Волеј, кој втор викенд по ред се радува со убедливи 3:0, овој пат против дебитантот Фламинго Волеј.
Максимален резултат остварија и Работнички Скопје и Пелистер Волеј, кои се израдуваа на првата овосезонска победа против Струмица жени, односно Фит Фан Волеј.