Апсолутниот фаворит во групата Б и бранителот на титулата на ЕвроВолеј 2026, Полска, е противникот со кој Македонија се соочува во третото коло од групната фаза, попладнево, 18 часот по македонско време, во арената „8888“ во Софија.
Македонија и Полска по вторпат се среќаваат во групната рунда од континенталните собири откако овие две селекции играа и во групата во Скопје во 2023 година.
Полјаците имаат две максимални победи над Португалија и Израел, додека Македонија загуби од другите два фаворити во групата Бугарија и Украина, во досегашниот настап од ЕвроВолеј 2026.
Нашата репрезентација во настапите на ЕП по третпат ќе игра против актуелен шампион. Претходните два дуели ги загуби, од Русија во 2019 во Љубљана (3:0), односно од Италија во 2023 во Бари (3:0).
Интересно е дека Македонија има скор од 2-2 во победи со Полска. Двете победи на Полјаците се во квалификациите за ЕвроВолеј во 2014 година, кога славеа со двапати по 3:0. Македонија, пак, ја има двапати победено Полска во Европската лига 2015, со 3:2, односно 3:1.
Сепак, Полска поради својот ранг, позиција, но и ростер важи за апсолутен фаворит во дуелот со Македонија, а импресивна е и статистиката која ја има – серија од 12 победи на ЕвроВолеј, која трае од полуфиналето на ЕП 2021.
За Македонија овој меч треба да биде последна подготовка пред дуелите со Израел и Португалија, ривали против кои ја бараме нашата шанса на ЕвроВолеј.