Вук Карановиќ „ЦЕВ е силен колку што се силни нејзините Федерации“
Фото: cev.eu
Поранешниот македонски репрезентативец и интернационалец, Вук Карановиќ, веќе две години ја извршува функцијата Извршен директор на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ), односно e десна рака на претседателот на европското одбојкарско семејство, Роко Сикириќ.
Карановиќ десет години е дел од ЦЕВ, период во кој тој работи, расте и се развива низ неколку одделенија во канцеларијата во Луксембург, а како добра основа за тоа му е и образованието, но и одбојкарското педигре и искуство кое ги има. Тој потекнува од спортско семејство и е син на долгогодишниот генерален секретар на Одбојкарската федерација на Македонија, Зоран Карановиќ, зад себе има и богата интернационална кариера (Србија, Германија, Финска, Катар, Луксембург), а беше дел и од шампионската генерација на Работнички Фершпед. Повеќе од една деценија го носеше и дресот на националниот тим со кој пишуваше историски успеси во Европската лига.
Приватно реализиран како сопруг и татко на две деца, со адреса на живеење во Луксембург, Вук е „светски патник“ и инспиративен млад лидер, кој со својата позиција и функција слободно може да кажеме дека е еден од креаторите на иднината на европската и светската одбојка.
◊ Што претставува и што се сублимира функцијата Извршен директор на ЦЕВ?
„Извршниот директор на ЦЕВ по Статут е задолжен за спроведување на комплетната стратегија направена од Управниот одбор (Бордот) на ЦЕВ. По моето назначување на функцијата во 2024 година, прва работа што ја спроведовме е правење на комплетен бизнис план како може да се зголеми вредноста на ЦЕВ. Како можеме да го подигнеме спортот на повисоко ниво и со тоа да го зголемиме растот и на репрезентации и на клубовите. Истовремено да можеме да помогнеме на „grassroots“ иницијативи кои ќе помогнат за развој на спортот. Тоа прави надзор врз целокупното финансиско работење на Kонфедерацијата, севкупно имплементирање на бизнис планот, спроведувавање на комерцијални активности, активности во дигитална трансформација и раст на ЦЕВ на медиумскиот пазар. Отворање на нови држави и територии каде ќе се прави пренос на наши производи и продукти, односно наши евенти, како што е тоа Лигата на шампионите, која е најатрактивна во смисла најголем број на територии се покриени низ светот 128 и нормално ЕП како најразвиен продукт кој што го имаме. Паралелно со тоа работиме и на раководење на организацијата – „Good governance“ за да може да зацврстиме одредени принципи кои се поставени, како да имаме поголема транспарентност, како да обезбедиме поголема финансиска транспарентност, исто така за луѓе кои немаат конкретно финансиско предзнаење да може да ги разберат основните елементи како функционираме, колкав буџет имаме, како се трошат парите во буџетот итн… Сето тоа се некои активности врз кои морам да имам надзор, на некои од нив работам директно како комерцијална активност и во врска со медиски права, додека останатите активности како дигитална трансформација, финансиско работење имам повеќе надвор, а колегите од канцеларијата директно работат на спроведување на задачи.“
ЉУБОВ КОН ОДБОЈКАТА – ГЛАВЕН МОТИВ
◊ Од одбојкар, репрезентативец и интернационалец до втор човек во ЦЕВ. Кој е мотивот што те водеше за да се искачиш на ова ниво?
„Љубов кон одбојката! Потекнувам од одбојкарско семејство и тоа што сум го гледал татко ми – кој прво работел како тренер, а потоа и како спортски работник, како спроведувал слични активности како оние кои ние ги имаме во ЦЕВ, но нормално на многу помало ниво, во многу помал обем и во рамките на македонската економија и македонското општество. Сето тоа ми претставувало задоволство да гледаш некој кој работи со голема љубов, кој го сака спортот и се обидува во сето тоа да воспостави и некои процеси кои ќе бидат долготрајни, да се види некој прогрес и некако јас сум се „инфицирал“ со тоа. Играв активно одбојка и сметам дека одбојката ми дала сѐ во животот, ми овозможила да живеам во различни земји, да запознаам многу пријатели, да стекнам и одреден финансиски бенефит… Кога дојдов до ниво на кое можев да му вратам на спортот, кој што толку многу ми дал, тоа дава дополнителен мотив и многу често работите ги ставаме како лично да ги разбираме. На крајот ЦЕВ е невладина организација, регистрирана во Луксембург, условно кажано сопственици се 56 Федерации, кои можат во секој момент да кажат „Не сме задоволни со начинот на работа“ и по Статутот на ЦЕВ во рок од три месеци може да бидеме сменети. Кога сте емотивно врзан за спортот, сакаш да дадеш и многу повеќе од тоа кое може се очекува во дадениот момент. За мене од огромна вредност е што со претседателот Роко Сикириќ сме буквално на иста бранова должина. И тој е поранешен одбојкар, кој поминал низ истиот процес како и јас, и во моментов имаме навистина голем мотив да направиме исчекор за нашиот спорт и да може одбојката да ја однесеме на некое следно ниво, кое природно следува. Одбојката е еден од најпопуларните спортови во светот, во смисла на партиципација, се уште не сме таму во комерцијална смисла во однос на тоа колкави се договорите со кои заработуваат играчите, колкав е наградниот фонд кој ЦЕВ и ФИВБ го исплаќа за учеството на нашите турнири, но сметам дека е спорт со огромен потенцијал и да бидеме во моментов на оваа функција, која е исклучително одговорна, причинува и огромно задоволство што можеме позитивно да влијаеме на нашиот спорт. Мотивацијата ја црпам од љубовта кон одбојката и мој личен порив дека сакам да напредувам од година во година. Во ЦЕВ стартував како координатор за развој (development coordinator) во 2016 година, па потоа во менаџер за развој, па ми дадоа одговорност да го водам одделот во 2020 година, па дури на изборите во август 2024 да бидам назначен за Извршен директор. Во тие 10 години сум се стекнал со одредена пред се институционална меморија, затоа што една деценија е долг период да си во една организација и нешто што е несвојствено во денешни услови. Од друга страна сум работел различни работи кои ми овозможувале внатре во организацијата на ЦЕВ да имам контакт со многу различни полиња: од координација на судии, координација на супервизори, до комплетна логистика на материјали од нашиот спонзор Микаса до сите наши партнери – без разлика дали клубови или Федерации, потоа развојни активности, ЦЕВ школски проект. Во 2017 година ми беше прилично напорно, но потоа ја совладавме добро работата со европските фондови, која е комплицирана во смисла на административно работење, но ни даде пристап до фондови кои претходно не сме ги користеле. Таа работа со Европски институции и фондови беше големо искуство и сум ги работел на едно помало ниво, а сега ескалираат на повисоко ниво, со поголема одговорност, а истовремено и поголем притисок, но кога имаш вистински луѓе околу себе работата е многу полесна.“
СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ МОРА ДА СМЕ НА ИСТА ЛИНИЈА
◊ Со претседателот Сикириќ генерациски сте блиски и со иста одбојкарска позадина. Како негова десна рака колку е важно да имате иста визија и исти насоки и да се надополнувате за да расте и Европската конфедерација, а преку тоа и нејзините членки?
„Тоа е најважната работа во целиот процес. Претседателот и директорот потребно е да имаат иста визија за тоа како треба да се развива една организација, а потоа таа да ја насочат во добар бизнис план и како ќе се спроведува. Претседателот и Управниот одбор следат како ќе оди имплементацијата на тој бизнис план, а моја обврска како директор со колегите од канцеларијата е да го спроведеме. Најважно е јас и претседателот да сме на иста линија и да имаме апсолутно исто разбирање за тоа во кој правец треба да се движиме. Нормално е да имаме различни ставови, во смисла – можеби канцеларијата на ЦЕВ во моментов е прилично комерцијално ориентирана, за тоа како може да создадеме дополнителна вредност од сите производи кои ги имаме и како тие производи може уште подобро да ги монетизираме, но на крајот на денот ЦЕВ не е обична фирма која работи само за профит. Мора да балансираме и со она што значи правилна распределба на профитот, како тоа ќе го менаџираме и на политичко ниво, така што и од политички аспект и од комерцијален треба да сме на ист став со претседателот за да можеме да одиме во вистински правец. Тоа што доаѓаме од слична позадина, и двајцата сме поранешни одбојкари, сме играле еден против друг, заедно работевме во ЦЕВ пет години пред да дојдеме на денешните функции, дополнително ни помогна. Во тој период од пет години многу често сме разменувале ставови, визии и идеи, што може да се смени и како некои работи би можеле поинаку да се имплементираат. Сето тоа ни помогна да направиме една заедничка кампања со која Сикириќ ќе може да стане претседател. За овие две години колку што сме сработиле од мандатот, сето она што беше зацртано како програма во изборната кампања е спроведено, дури и многу од работите кои ни беа предвидени за 2027 и 2028 година веќе се реализирани и ќе мора еден поамбициозен план да направиме (се смее) за следните избори доколку повторно се кандидира за претседател. Многу сме присутни на терен, има една позитивна енергија која се врти околу одбојката и мислам дека и Федерациите и клубовите, и играчите и тренерите, сите приметуваат еден нов стил на раководење и сега за сега тоа оди во еден добар правец.“
РАБОТАТА НА ЈОВАНОВСКИ Е ПРЕПОЗНАЕНА ВО ЦЕВ
◊ Покрај тебе како Извршен директор, може да се пофалиме и со уште еден наш претставник во Европа, претседателот Петар Јовановски, кој е член на Бордот на ЦЕВ. Колку фактот дека двајца Македонци се во раководните структури на Европската конфедерација говори за позицијата на ОФМ како партнер на ЦЕВ?
„ОФМ е дефинитивно голем партнер на ЦЕВ и тоа долги години. Јовановски е член на Бордот и многу активно учествува во сите процеси. Јас не сум член, но сум присутен на сите состаноци и голем дел од работите кои се презентираат пред Бордот се моја обврска и им ги презентирам за да може да ми одобрат буџет или да се координираме во која насока ќе се движи организацијата. Ние доаѓаме од иста Федерација, Јовановски ме познава од момче, тој беше спортски директор кога јас бев млад репрезентативец, па потоа и потпретседател и претседател на ОФМ и го гледал мојот развоен пат. Имаме одлично разбирање, многу коректна соработка, низ годините откако е Јовановски претседател, ОФМ е активен партнер на ЦЕВ. Можам да кажам дека е и многу поактивен од некои други членки кои се со многу поразвиена економија од нашата. Ние имаме спортска и одбојкарска традиција. Македонија организираше Европско првенство У20 за девојки во 2022 година, потоа беше ко-организатор на ЕП 2023 мажи кое што беше круна на сите тие активности кои Федерацијата се обидуваше низ еден процес од пет квалификациски циклуси да го обезбеди. Машката сениорска репрезентација ќе настапува на едно Европско првенство, мислам дека луѓето не се ни свесни колку голем резултат е тоа што по четврти пат сме на едно големо интернационално натпреварување во една држава која економски не стои добро, за жал, а и инфраструктурно, во смисла колку може да се помогне, сме далеку зад останати држави не само на Балканот туку и пошироко, така што тие напори што ги прави ОФМ се исклучителни. Имаме две активни репрезентации мажи и жени кај сениори, имаме активности и во селекциите во помлади категории, кои ја прават Македонската федерација исклучително квалитетен и добар партнер. Јовановски за да биде дел од Бордот на ЦЕВ е изгласан од Генералното собрание и треба мнозинство од 56-те Федерации да му дадат поддршка, која тој ја доби и со тоа очигледно е дека неговата работа и напори се препознаени.“
◊ Се повеќе млади лидери имаме на водечките функции во спортските организации. Што според тебе е потребно да имаат едни млади спортски лидери?
„Генерално времињата се менуваат. Факт е дека во спортот колку и да го практикуваат млади, раководните функции во минатото ги држеле возрасни мажи, луѓе преку 70 години и една или две жени, кои морале да бидат таму по Статут затоа што морало да има и некој од спротивниот пол. Денеска, сето тоа се менува. Спортот мора да ги следи трендовите кои се случуваат во сите општества, дали на корпоративен план, дали на политички, ние мора да се прилагодиме на сите тие промени. Вистина е дека има одреден тренд каде на раководни функции доаѓаат помлади луѓе, но сигурен сум дека сите тие луѓе презентирале одредена програма, знаеле да ја искомуницираат таа програма и имаат план како да ја спроведат во пракса и поради тоа биле препознаени. Конкретно во нашиот случај од националните Федерации, во случајот на Меѓународниот Олимписки комитет од нивните Олимписки комитети итн… Дефинитивно нешто што мора да се има во било која спортска организација е јасна визија, мора да се има апсолутно есенцијално познавање на спортот и како тој ќе се развива. Неопходна е бизнис и комерцијална логика за како да обезбедиш повеќе сретства за да може спортот да расте и да достигне некое следно ниво. Мора да имаш интегритет, бидејќи многу промени кои се однесуваат на „Good governance“ ќе ти ги лимитираат твоите можности како функционираш во однос на претходни раководства, но сакаш едноставно да си сигурен во она што го работиш и како да ја оставиш институцијата на здрави нозе за еден ден кога нема да бидеме на позиција, оние кои ќе не заменат да можат да направат одредена транзиција и да продолжат со работа. Визија каде треба конкретно твојот спорт да се движи, каде е твојот спорт во однос на останатите. Она што е дефинитивно тренд е поголема комерцијална логика и една варијабла која е прилично комплицирана – како да споиш 56 Федерации да размислуваат повеќето од нив во ист смер, од Гренланд до Азербејџан со сите можни социо-економски и културни разлики кои постојат и да ги убедиш, поголемиот дел од нив, дека она што е дадено како програма ќе биде спроведено во пракса и сите да имаат бенефит од тие активности. Тоа денеска се нарекува спортска дипломатија, која нуди исклучително комплицирана и интересна динамика. И претходните генерации ја владееле добро, но во поедноставни услови. Генерациски биле многу поблиски, а од друга страна многу бил помал бројот на луѓе кои се интересирале како се спроведуваат конкретни политики.“
ОРГАНИЗАЦИЈА НА ЕВРОВОЛЕЈ Е КОМПЛЕКСЕН, НО ПРЕУБАВ ПРОЦЕС
◊ По само две години на функцијата Извршен директор се соочуваш со организација на ЕвроВолеј 2026 во машка и женска конкуренција за кое, и сам кажа, дека е еден од највисоките и спортски и организациски и комерцијален настан под капата на ЦЕВ. ЕП за жени финишираше, го очекуваме стартот на ЕП за мажи. За тебе ова не е прво искуство на организација на ЕвроВолеј, но е првпат како Извршен директор. Какво е сега воспримањето на целиот вложен труд и енергија и заложба?
„Нормално ме исполнува и емотивно и професионално. Во моите десет години во ЦЕВ сум имал можност да поминам низ пет циклуси на Европски првенства. Најверојатно кога почнав да работам во ЦЕВ и покрај тоа што сум амбициозен и насочен сум кој себенадградување, никогаш не сум замислувал дека еден ден јас ќе бидам тој што ќе координира, заедно со колегите од канцеларија, како ќе се спроведуваат две Европски првенства – машко и женско. Процесот е особено комплексен бидејќи се две ЕП, но станува збор за осум организатори – четири кај мажите, четири кај жените, осум прилично различни држави една од друга. Кај жените имавме отворање во Истанбул, а одбојката е еден од најпопуларните спортови во Турција. Нормално, фудбалот е секаде религија, но женската одбојка е едно скалило под турскиот фудбал, само без скандали, и фирмите и спонзорите сака да биде во контакт со него. Тоа произлегува и од нивните културни навики и од начинот на функционирање на општеството. Од Истанбул одиме во Гетеборг во Шведска и во салата имаме исто брендирање, сѐ е исто, но скандинавската култура во однос на тоа како функционираат колегите во Истанбул е дијаметрално спротивна и гледаш дека истиот производ се спроведува на нијансиран начин во зависност од средината, а на крајот резултатите се исти. И тоа е комплексен процес, но од друга страна преубав, затоа што ти дава можност да работиш со луѓе од целиот континент. За жал како играч не сум имал можност да се квалификувам на ЕП со Македонија, генерацијата по мене го направи тоа, но огромно задоволство ми е што сега сум дел од него. Тоа е втор најголем одбојкарски настан на светот, нормално по Светското првенство и Олимпијадата, по масовност, по број на репрезентации кои учествуваат, но по број на квалитет ЕП е далеку над сите. Има огромна комерцијална значајност и тоа што ќе го генерираме ние сега како приход и колку ќе бидеме успешни толку ќе имаме можност да инвестираме во млади категории, во Федерации кои се во развој и поради тоа голема е одговорноста да имаме максимален добар резултат. Од она што сега ни е потврдено – договори кои се потпишани и медиумски права кои се продадени ќе имаме преку 1.000 посто раст во однос на ЕП 2023. Навистина е направено многу со релативно исти ресурси, односно канцеларијата не е многу зголемена имаме додадено уште едно комерцијално одделение, но тоа се само тројца луѓе. Направивме реорганизација како се испорачуваат сите настани и како да креираме максимална вредност од сето тоа. Реков претставува огромно задоволство, но потребни се и вистински луѓе околу себе. Работата многу ја олеснува тоа кога имаш квалитетен тим со искусни колеги – дел од нив се и преку 15 години во ЦЕВ имаат институционална меморија, знаат како може да се пристапи кон различни организатори, а на крајот на имаме иста цел и настанот да изгледа подеднакво исто во сите различни градови каде што се одржува.“
НЕОПХОДНА Е ДИГИТАЛНА ТРАНСФОРМАЦИЈА
◊ Која е визијата на ова раководство на ЦЕВ за европската одбојка?
„Имаме одредени структурни проблеми во нашиот спорт. Историски одбојката потекнува од Америка, но најголем развој и популарност таа ги има во Источна Европа, каде имаме исклучително квалитетни играчи и големи инвестиции. Полска е една од најголемите одбојкарски нации во светот, но тоа е структурен проблем и не може да се развива спортот доколку не е застапен и во Западна Европа. Тоа е нешто на кое работиме во моментов за да ја развиеме одбојката и во Франција и во Германија, две најголеми економии во Европа, најмногубројни држави. Нашата видливост на тој пазар е многу мала и не соодветствува со успесите на клубовите и на репрезентациите кои доаѓаат од тие држави. Французите се двапати олимписки првак во низа, нешто што не знам дали му успеало на некој друг, и тоа ни е голем следен предизвик и дел од бизнис планот кој ќе биде претставен на следното Генерално собрание – како да ја развиеме одбојката во Западна Европа. Тоа е визијата на ЦЕВ. Очигледно е дека ФИВБ има тенденција да ги носи своите настани во Средна, Југоисточна и Источна Азија и нормално тоа се држави во раст и со многубројни жители. Ние функционираме на европско тло и гледаме каде има голем потенцијал и во кој смер мора да оди спортот и почнавме конкретно да работиме на тоа. За да може да се развива мора да имаме големи настани во овие држави, а за да се организираат тие настани мора Федерациите да бидат стабилни, а не пред финансиски колапс. Конкретно работиме на бизнис план за одржување на ЕП во Франција во 2028 година – тоа е ексклузивитет. Второ големо поле на кое не само одбојката туку и сите спортски организации имаат простор за развој, тоа е дигиталната трансформација. Ние треба да станеме еден апсолутен хаб и да имаме перфектно разбирање за секој наш фан без разлика од каде доаѓа, тоа да биде складирано во наша дата база и да имаме едни комплетно нови информации според кои ќе знаеме како да ја формираме одбојката како производ и да знаеме како точно и на каков начин нашите фанови сакаат да конзумираат одбојка, на какви платформи, како да го развиваме спортот понатаму. Свесни сме колку одбојката беше прогресивна во 90-тите години и беа направени многу промени и ниту еден друг спорт немаше таква трансформација во релативно кус период. Од тогаш до денеска немаме ниту една суштински голема работа направено, а не верувам дека спортот ни е перфектен. Некаде низ овие две децении сме станале малку потрадиционални и поконзервативни и мислам дека тоа следно ниво на исчекор. Нормално мора да има спортско значење: тренерите и играчите да разберат зошто се прават тие промени, но истите многу да бидат повеќе диктирани од тоа како фановите сакаат да го гледаат и конзумираат спортот. Тоа е следно дигиталната трансформација која ќе ни овозможи да согледаме во кој правец треба нашиот спорт да го развиваме. Така и ќе се приближи до различни генерации бидејќи статистиките велат дека Џен Алфа генерацијата ни недостасува, а ние уште не допираме на вистински начин до нив. Мора некои работи да бидат поедноставени за да може последно да се воспримат. Но и за изнаоѓање на поинакви формати како ја презентираме одбојката, затоа што сега да се седи пред ТВ и да гледа два саати одбојка, не е толку атрактивно. Сменет е драстично начинот на кој се конзумира спортот во последните пет години.“
◊ Дали во таа насока одат и промените во одбојкарските правила кои се тестираат летово?
„Ние ова лето тестираме сет од 12 правила. Нормално тоа доаѓа како иницијатива на ФИВБ бидејќи тие диктираат како се игра одбојката низ целиот свет, но е во консултации на судиските и тренерските комисии на ЦЕВ и ФИВБ. Според мене тие промени се козметички, а не фундаментални, нешто што ќе го однесе спортот на следното ниво, но се потребни. Не верувам дека преку нив ќе добиеме комплетно нова генерација, мислам дека одредени правила само ќе се поедностават за да може луѓето полесно да ја воспримаат одбојката. Едно од правилата кое ми се допаѓаше од самиот почеток, а тешко можеш да му објасниш на некој зошто не го имплементиравме, е зошто либерото не може да крева со прсти во линија од три метри, а е фундаментален елемент за секој кој почнува да тренира одбојка. Тоа се комплицирани и тешки правила, несфатливи за луѓето надвор од одбојката и тоа се некои работи на кои треба да целиме да ги поедноставиме, за луѓето кои првпат ќе се сретнат со одбојка да може да ги сфатат. Начинот како ги пренесуваме натпреварите, дали е тоа на традиционална телевизија или лајф-стрим тука ќе се направи голема разлика за луѓето да ја разберат специфичноста на одбојката како спорт. Многу луѓе не се запознаени со сите тактички варијации кои постојат во одбојката за да се освои еден поен. Тоа е генерално затоа што на дневна основа сме бомбардирани со сите основни тактички варијации во фудбал, кошарка… Тоа е затоа што има нивна поголема застапеност на традиционални медиуми, но и новинари и ТВ коментатори кои се едуцирани и специјализирани и може да го доближат спортот на едно повисоко ниво. Во одбојка единствен таков случај е во Полска, која со медиумскиот партнер Полсат имаат добро развиена фан база и тие веќе со години го развиваат производот одбојка и нивните навивачи се добро едуцирани. Полска е единствената земја во светот каде 365 дена во годината има одбојка на телевизија. Ние треба да се обидеме во таа комуникациска база да привлечеме нови фанови, а оние веќе постоечките да ги приближиме кон едно ново ниво на поглед кон одбојката со давање на тактички информации, перформанс на играчи… Мислам многу луѓе не се ни свесни дека вертикалниот одраз на еден одбојкар е скоро на ниво на играчи од НБА. Тоа не се ни приметува затоа што графиката на натпреварите и како се прават преносите не им овозможува сето тоа да го разберат. Мораме посериозно да работиме и на едукација на новинари и на стручни соработници кои ќе имаат квалитетно познавање на одбојка за да може да ги доближат тие конкретни одбојкарски елементи кои се прилично специфични за нашиот спорт и се покомплекси од одредени акции во кошарка или ракомет или фудбал. Тоа е некоја следна фаза на која ние како спорт мора да работиме.“
◊ Како се мери успешност на националните федерации, затоа што преку нивната успешност се одредува и успешноста на ЦЕВ?
„Апсолутно! ЦЕВ е толку силен колку што се силни и нејзините Федерации. Одбојката е поинаков спорт за разлика од УЕФА која креира сама за себе огромна вредност која потоа може да ја подели со своите Федерации. Ние мораме заедно да растеме. Доколку ги нема Федерациите ЦЕВ не може сама како организација и институција да ја донесе одбојката на следно ниво. Федерациите ги мериме по успешност, моментално само на спортски план. Во некоја следна фаза би се гледало и финансиското работење на Федерациите. Одбојката се уште е во една развојна фаза во која многу повеќе се инвестира отколку што се очекува поврат од таа инвестиција, конкретно финансиски. Моментално успешност мериме според тоа колку активности има Федерацијата на меѓународно ниво дали е тоа директно во ЦЕВ или преку Зонските Асоцијации. Македонија е дел од Балканската асоцијација (БВА) и се следи со кои селекции настапува – мажи или жени, потоа која е траекторијата на активности на тие селекции, колку играчи од младинските репрезентации ќе стигнат до А националниот тим… Тоа е една спортска конверзија со која следиме како се развиваат Федерациите и мене, како некој што доаѓа од Македонската федерација, особено ми е драго кога ќе видам дека нашата Федерација регистрирала настап во младинските категории во БВА, имаме активни машка и женска сениорска репрезентација и тоа дава еден статус на Федерација која е исклучително активна, а функционира во исклучително тешки економски услови и во прилично голема конкуренција. Сите држави на Балканот, тука ја вклучувам и Македонија имаме една спортска традиција. Во Македонија е развиена и кошарката и ракометот, а сепак Федерацијата со своите клубови успева да ја зголеми популарноста на својата територија, а тоа е исклучително важно. А тоа доаѓа само преку активности. Што подобар успех, толку популарноста е поголема, но прва точка е меѓународна програма и континуитет во истата.“
◊ На што ОФМ треба да работи повеќе за да ја развие повеќе одбојката, а со тоа да биде и уште посериозен партнер на ЦЕВ?
„Со оглед на тоа колку е голема популарноста на македонската женска одбојка верувам дека колегите во Федерацијата имаат проекти и планови како тоа да се развие. Мислам дека во следната декада женската одбојка треба да биде доминантна, но треба да се изнајдат и да се инвестираат сретства за женската репрезентација да ги стигне успесите на машката од последните 15-тина години, која се разви како бренд на ОФМ. Тоа овозможи сите тие деца да се заинтересираат за одбојка, па сметам дека во некој следен циклус тоа треба да се случи кај жените. Во тоа немам никаква дилема затоа што популарноста и масовноста на женската одбојка е многу голема во Македонија и од таа масовност е многу полесно да се состави репрезентација, која ќе може комплетитивно да се натпреварува. Се надевам дека колегите во ОФМ гледаат на сличен или ист начин и да се направи долгорочен проект преку кој ќе имаме обратна ситуација односно машката одбојка да добие на масовност преку активирање и успех на женската репрезентација, како што беше случај претходно. Тоа е нешто што е клучно и втора работа мора да има барем еден клуб кој квалитетно ќе се натпреварува и ќе настапува во европски купови. Тешко е да се има силна лига со пет-шест компетитивни клубови, затоа што станува збор за мала територија, а и ако ги имаме ќе бидат компетитивни на пониско ниво. Потребно е една машка и една женска силна екипа која ќе може квалитетно и континуирано да учествува во европските купови и да биде партнер на Федерацијата како што беше Работнички Фершпед долги години кај мажите, додека кај жените се менуваат неколку клубови – Работнички, Студент, па Форца … но секогаш имаше еден квалитетен клуб преку кој играчите можеа да растат и да излезат надвор и да направат интернационална кариера преку која потоа и помагаат и на репрезентацијата. Нормално за тоа е потребна поддршка и од државата, односно инфраструктура. Македонската одбојка е единствен спорт од оние каде што има солиден интернационален настап, а нема своја сала. Потребен е одбојкарски дома каде одбојкарите и одбојкарките ќе имаат 24-часовен пристап во годината, а тоа ќе направи разлика. Доколку државата успее да го препознае тоа, а сметам дека треба, тоа ќе биде од голем бенефит за македонската одбојка.“
“ИГРАЈ ОДБОЈКА, РАСТИ СО НЕА“ Е ДЕЛО НА КАРАНОВИЌ
◊ Карановиќ е креатор на школскиот проект „Играј одбојка – расти со неа“, кој во Македонија успешно се имплементира од самиот старт. Од проектна задача за работна позиција во ЦЕВ до „Проект на годината 2019“ на Европската комисија…
„ЦЕВ школскиот проект е еден од моите омилени затоа што со тој проект аплицирав за работа во ЦЕВ во 2016 година. Тоа ми беше некоја проектна задача која ја презентирав кај претходниот директор и како да направиме наследство од големи настани кои ЦЕВ ги организира во држави се сѐ уште во развој. Во 2016 година Азербејџан се подготвуваше за ЕП 2017 и проектот беше како јас би ја развил одбојката во Азербејџан по завршувањето на првенството. Сѐ уште ги чувам тие документи (се смее) проектот беше направен само за Азербејџан за потоа да се препознае како интересна иницијатива која може да биде спроведена и во останатите Федерации кои се категорија 1 или 2 (условно кажано помали Федерации) Иницијално имавме шест Федерации на стартот, како пилот-проект, кој ќе видиме дали ќе може да го имплементираме на различни социо-економски и географски позиции – Исланд, Македонија, Естонија, Финска, Словенија… Стартувавме со шест, за денеска 38. Федерации да се дел од проектот. Проектот е прогласен за „Проект на годината 2019“ од Европската унија, односно Европска комисија од Одделение за развој на аудио култура, спорт и млади. Во два наврати Европската комисија преку Еразмуст фонд го кофинансираше проектот за да можеме да имплементираме нови развојни фази. Тоа е нешто кое функционира и ден денеска, кое има огромен раст и многу позитивен фит-бек. Успеавме да имплементираме одбојка во преку 7.000 училишта, каде голема е веројатноста дека доколку Федерациите би требало самите да го направат тоа не би биле во можност да го испорачаат на тоа ниво – топки, мрежи, комплетна едукативна програма за тренери. Програмата е преведена на осум јазици, меѓу кои и македонски јазик и е достапна, бесплатно, за сите оние кои сакаат и се заинтересирани да работат со тие материјали. Следен чекор е изработка на апликација за проектот – но тоа е некоја следна фаза кон која стремиме. ЦЕВ школскиот проект е нешто со кое што сум јас лично горд и многу ми е драго што колегите кои сега раководат со развојното одделение го имаат кренато на уште повисоко и поквалитетно ниво и ќе остане како наследство.“
◊ Во декември 2025 година Вук Карановиќ беше избран меѓу 300 исклучителни лидери за глобална извонредност, а конкретно доби признание во категоријата за социјално влијание и цел. Колку ваквите индивидуални награди се дополнителен мотив за тебе, но и за целата организација која стои зад тебе?
„Било која награда која сум ја добил е затоа што претставувам една организација како ЦЕВ. Како индивидуалец веројатно никој не би ги приметил моите квалитети ако не сум дел од Европската конфедерација или било која Федерација или било кој клуб. Кај мене во главата тоа е јасно. Таа награда сум ја добил затоа што сум имал можност, сум имал платформа како ЦЕВ на која може да спроведеме одредени активности. Било која лична награда е само одраз на голем тимски труд и доколку тој што ја добива наградата не го препознава тоа веројатно никогаш повеќе во иднина нема да добие таква награда. Доколку немаме квалитетни луѓе позади себе и тим кој ќе верува во она што го работиме убеден сум дека не може да успееме.“