Машкиот национален тим на Македонија на четвртиот ЕвроВолеј во својата историја ќе биде дел од групата Б во Софија. Друштвото во групата Македонија не го доби по пат на ждрепка, туку ние бевме избор на домаќинот и еден од ко-организаторите, Бугарија.
Па така освен Бугарија, која не само што е ко-организатор, туку и актуелен светски вицешампион, за противници ги добивме и Полска – бранителот на титулата, Израел, Украина и Португалија.
Во продолжение ги претставуваме ривалите на македонските одбојкари во групната фаза, односно со каква традиција, статистика и квалитет ќе се соочиме на теренот во Арената „8888“ во Софија.
БУГАРИЈА
Македонија против Бугарија ќе го отвори настапот на ЕвроВолеј. За Бугарите ова ќе биде петти пат во нивната истојата да бидат ко-домаќини на ЕвроВолеј, во вкупно 32. настап на континенталните собири. Само Италија со 33. и Франција со 32. учества (вклучувајќи го и ЕП 2026 година) може да се пофалат со таква бројка. Единствено ЕП кое го пропуштиле Бугарите е она во 2005 година. Нашиот сосед има пет медали од ЕвроВолеј: сребро во 1951 година и бронза во 1955, 1981, 1983 и 2009 година. Ова е најголем број медали од една екипа без да освои злато.
Во Бугарија досега се одиграни 98 натпревари на континенталните собири. Дуелот меѓу Бугарија и Македонија на 9 септември ќе биде 99. додека натпреварот меѓу Полска и Португалија, кој се игра ден подоцна ќе ја достигне јубилејната 100-ка од Евроволеј во Бугарија. Бугарите на ЕвроВолеј влегуваат со големи амбиции – прво како домаќини, второ како сребрени од СП 2025 (загубија со 3:1 од Италија во финалето), а сега целат кон пласман на ЛОИ 2028 во Лос Анџелес, или пак, да завршат меѓу носителите на одличја на првенството. На последното ЕП 2023 Бугарија со 3:0 беше елиминирана од Франција во осминафиналето и со тоа стигна до скор од 12 победи и 12 порази во досегашните 24 натпревари на ЕвроВолеј одиграни пред својата публика. Во пресрет на ЕП 2026 Бугарија настапи на ВНЛ, односно Лигата на нации на која заврши како деветта со седум победи и пет порази – сите од европски селекции – Белгија, Србија, Словенија, Полска и Франција. Александар Николов е најдобриот поентер на Бугарија и во Лигата на нации 2026, со 278 поени и на СП 2025 кога освои 173 поени. За селекторот на Бугарија, Италијанецот Џанлоренцо Бленгини ова ќе биде четврт ЕвроВолеј. Претходно тој ја водеше Италија (2015 – бронзен медал, 2017 и 2019).

ПОЛСКА
Втор ривал за македонските одбојкари е актуелниот европски шампион – Полска. Полјаците ќе ја бранат титулата во нивниот 29. настап на ЕвроВолеј по нивното деби во 1950 година и ќе се обидат да станат втората репрезентација по Италија (2003 и 2005) која освоила две европски круни во низа. Полска има 11 медали на континенталните собири (две злата 2009 и 2023, пет сребра и четири бронзи) и е меѓу четирите репрезентации заедно со Франција, Италија и Србија кои биле присутни на секој ЕвроВолеј во овој век. Полјаците имаат импресивна бројка од 201 одигран натпревар на Европските првенства со скор од 128 победи и 73 порази. Тие имаат и позитивна серија со 10 победи на ЕвроВолеј, по поразот во полуфиналето во 2021 година. Сепак, се чини дека Софија не е талична за европскиот првак, бидејќи ги загубила сите шест натпревари кои ги играла во бугарската престолнина на настапите на ЕП. Полска најави дека има намера да го задржи европскиот трофеј во свој посед уште на настапот на Лигата на нации кога стигна до третиот пехар во ВНЛ по 2023 и 2025 година. Томаш Форнал беше прогласен за најкорисен играч на годинешното издание на БНЛ, додека Бартломеј Болаџ беше нивниот најдобар стрелец со 184 поени. За српскиот стратег на клупата на Полска, Никола Грбиќ ова е четврто ЕП. Ја предводеше Србија во 2015 година (четвртфинале) и 2017 година (бронза), а со Полска во 2023 година го освои златниот медал.
УКРАИНА
Селекцијата по осмипат ќе учествува на едно Европско првенство, а во годинешното издание обезбеди директен пласман откако на ЕвроВолеј 2023 заврши како осмопласирана, односно по вторпат во својата историја играше во четвртфиналето. На досегашните 44 натпревари на континенталните собири Украинците имаат 19 победи и 25 порази. На СП 2025 Украина беше елиминирана во групната фаза, додека во годинешното издание од Лигата на нации стигна до четвртфиналето со седум победи и шест порази. Васил Тупчи е главната ѕвезда и најдобриот поентер во тимот во ВНЛ 2026 со 168 поени. Дмитро Јанчук, пак, беше меѓу најдобрите сервери со 23 ас сервиси. Селекторот на Украина, Раул Лозано со 70. години е највозрасниот тренер на ЕвроВолеј 2026 (Силвано Пранди досега го држеше овој рекорд, на 73-годишна возраст ја предводеше Бугарија на ЕП 2023). Лозано претходно бил селектор на Полска (2005, 2007) односно Германија (2009, 2011), а репрезентациите кои ги предводел на двапати стигнале до втората фаза, 2007 и 2009 година.

ПОРТУГАЛИЈА
Како Македонија, така и Португалија успеја да „врзе“ четири учества на ЕвроВолеј или вкупно осум во нејзината историја. Најдобриот пласман Португалците го имале во 1948 година кога биле четврти. Интересно е дека Португалија е единствената машка селекција која ги подобрува своите конечни пласмани на секое првенство (ЕП 2019 – 20. место, ЕП 2021 – 15. место, ЕП 2023 – 10. место) Со десеттото место на последниот континентален собир таа обезбеди и директен пласман на ЕвроВолеј 2026. Статистиката вели дека Португалија на 36 одиграни натпревари на ЕП има 13 победи и 23 порази. Португалија учествуваше на СП 2025 каде во осминафиналето загуби со 3:0 од Бугарија. Во годинешното издание од Европската лига Португалците запишаа четири победи и два порази, предводени од Александар Фереира, кој беше нивен најдобар стрелец со 83 поени. Фереира беше најдобар поентер на Португалија и на ЕвроВолеј 2023 (95), како и на претходните две ЕП (2019 – 83 поени) и (2021 – 79 поени). Селекторот Жоао Хозе ја предводеше Португалија и на ЕвроВолеј 2023, а како поранешен репрезентативец со националниот тим ја има освоено Европската лига во 2010 година.
ИЗРАЕЛ
Откако на минатото Европско првенство Израел се врати во најсилната континенталната сцена по пауза од 52 години и тоа како еден од организаторите на првенството, сега преку квалификациите обезбеди место на ЕвроВолеј 2026, за вкупно петто учество. Израелците веќе го потврдија својот настап и на ЕвроВолеј во 2028 година со пласманот во полуфиналето во годинешното издание од Европската лига, каде загубија од Холандија. На ЕвроВолеј 2026 Израел стигна како една од петте најдобри второпласирани репрезентации, предводен од Шеј Либерман (87 поени, а тој беше и втор најдобар поентер во Европската лига 2026 со 171 поен), како и Марк Рура (83). Израел во своите досегашни настапи на континенталните собири никогаш не ја минал групната фаза, а одигра 28 натпревари со 11 победи и 17 порази. Селекторот Итамар Штајн во последните неколку години е на клупата на Израел и ќе ја предводи на уште едно ЕП.
