Искусниот македонски репрезентативец Александар Љафтов е првото звучно засилување за шампионот Штип УГД во пресрет на новата сезона, во која клубот ќе дебитира во ЦЕВ Лигата на шампионите.
Репрезентативецот кој во моментов се рехабилитира од повредата на скочниот зглоб која ја заработи за време на подготовките за учеството во Европската лига 2026, по скоро 15 години градење интернационална кариера одлучи да се врати дома. Љафтов и пред три години кус период го облече дресот на матичниот клуб Струмица, но само за учеството во европските клупски купови, а потоа повторно најде странски ангажман.
Примачот треба да биде сериозно засилување за примачката дијагонала на Штип УГД, а соработката е за една сезона.
Љафтов минатата сезона играше во Кувајт, а потоа на полусезоната се пресели во унгарски МАВ Елоре со кој играше финале на плеј-оф и финале на националниот куп, а ја освои и Средноевропската МЕВЗА лига.
Љафтов кој потекнува од Струмица, во својата интернационална кариера има настапувано и во клубови во Бугарија, Србија, Турција, Италија, Хрватска, Кипар, како и Саудиска Арабија и ОАЕ, додека во Македонија го има носено дресот и на Работнички Фершпед.