Македонските одбојкари не успеаја да му застанат на патот на Израел и да му го нанесат првиот пораз во ЦЕВ Европската Златна лига 2025, и вечерва со 0:3 (22:25, 16:25, 18:25) загубија од претпоследниот противник во годинешното издание.
Во натпреварот кој се играше пред празни трибини во СС „Парк“ во Струмица, Македонија лошо влезе во натпреварот. Капитенот на Израел, Голдрин нападна со сервис и направи серија од 0-4 поради која селекторот Миленкоски беше принуден рано да го побара првиот тајм-аут. Нашите одбојкари ја стабилизираа играта и намалија на 5:9, но со нова серија противникот се одлепи на 5:12, што одново значеше минута одмор побарана од нашата клупа.

Се боревме со Израелците, најтешко беше да се запре нивниот напад, па константно бевме во позиција да бркаме резултат (8:12, 11:15, 13:19). Нападнавме и ние со сервис, „проработе“ и блокот, и со серија од 6-1, Македонија се доближи на 19:20. Сепак не успеавме да направиме комплетен пресврт и со 22:25 го загубивме првиот сет.
Во вториот одново се боревме и понудивме отпор до средината на сетот, но потоа гостите наметнаа силно темпо и со високи 16:25, стигнаа до 0:2.

Не се предаваа момците на Миленкоски и мотивирано влегоа во третиот сет, па егал се играше до 7:7. Израел првата предност ја направи на 10:7, односно 12:9. Нападот одново им беше најсилното оружје, па дојдоа до водство од 17:12, кое потоа рутински го одржуваа до крајот и покрај сите обиди на Македонија да остане во игра.
Александар Љафтов со 12 поени, Никола Ѓоргиев со 10 и Лука Костиќ со осум беа најефикасни во нашата репрезентација.
По пет одиграни натпревари во Златната лига Македонија има четири загубени натпревари и една победа. Шансата за нов победа ќе ја бара в недела, кога од 20 часот во салата „Парк“ во Струмица ја пречекува Црна Гора во последниот натпревар од годинешното издание.