Капитенот на машкиот национален тим Никола Ѓоргиев и најискусниот во составот Владо Милев, ќе играат на четвртото Европско првенство во својата кариера, додека либерото Филип Јованов, во мај годинава дебитираше во А тимот и веднаш го најде своето место и премиерно ќе игра на ЕвроВолеј 2026.
Тројцата беа на средбата со медиумите во пресрет на настапот на ЕП и ја пренесоа атмосферата во екипата, како и амбициите со кои момците патуваат за Софија.
„Навистина имаме една многу тешка група, уште при ждрепката беше тоа јасно, но никој не може да ни одземе да сонуваме. На теренот сме исто, шест на шест, односно седум на седум со либерото, и моменталните резултати на Бугарија, Полска и Украина навестуваат дека тие се огромни фаворити против нас, а ако ги прашате Португалија и Израел тие веќе ја имаат запишано победата против нас. Ние сме тука да им ги поматиме сметките на сите, ние сме тука да бидеме „лоши играчи“ и да ја играме нашата игра. Мислам дека треба да бидеме насочени кон нашата игра, многу работевме периодот и од сите аспекти ја подобривме нашата игра и многу подготвени доаѓаме на ЕП, а резултатите ќе покажат колку сме спремни. Некои здравствени проблеми кои ги имавме на стартот сега се надминати и сите сме здрави, желни и го чекаме стартот на ЕП. За некои од нас четврто и мора ние повозрасните да бидеме мудри, стабилни, да не нѐ понесе еуфоријата и емоциите, бидејќи ќе дојдат тие натпревари против Португалија и Израел во која треба таа желба да биде наш сојузник, а не наш противник. Искуството од првите две ЕП велат дека преголемата желба за победа повеќе ни беше противник, отколку сојузник и изгоревме во таа желба за победа и затоа сметам дека мора да играме мудро, трпеливо, да не ја гледаме статистиката, туку големата слика – победата. Дали ќе успееме да освоиме еден сет, два или три… Нашиот менталитет го знаете ние никогаш не се предаваме и ова за нас се едни Олимписки игри и од моја гледна точка и од играчите можам да ветам дека ќе „гинеме“ за секоја топка и со Господ напред се надевам ќе ја израдуваме македонската јавност“, истакна капитенот Никола Ѓоргиев.
Владо Милев потенцираше дека најважно е да се даде максимумот на секој меч, да играат со „ладни глави“ и чекор по чекор.
„Четврто ЕП за некои од нас, имаме доволно искуство на вакво натпреварување, противниците ни се од највисок ранг, но тоа не значи дека немаме играно и против такви противници во минатото. Наше е да го дадеме максимумот и како што знаете тоа е спорт, нема лесен и тежок противник, сите веќе знаат да играат одбојка, и на секој натпревар треба да се влезе максимално концентрирано и да се даде нашиот максимум. Резултатите се надевам дека ќе дојдат, но како што спомена и Никола потребно е да бидеме само со ладни глави и чекор по чекор напред. Мислам дека сме играчки подготвени и сите сме ставени на располагање на селекторот и се надевам дека достојно ќе се претставиме во Бугарија.
Прашани да направат споредба за екипата од 2023 и оваа која в понеделник ќе патува на ЕП, Ѓоргиев и Милев беа едногласни:
„Немаме големи промени во екипата, но разликата ја прават противниците во групата. На ова ЕП влегуваме како најслабо рангирана селекција, 29-ти, за разлика од ЕП 2023 имавме две селекции кои беа под нас – Данска и Црна Гора, ако сакаме да правиме компарација и со резултатите. Мене екипата ми изгледа сосема коректно, одлично, годините во моментов не влијаат, можеби тоа ќе го почувствуваме кога ќе играме пет натпревари за седум дена. Мислам дека играчки сме истите, но групата е различна“, коментира капитенот, а Милев додава: „Голем дел од играчите кои ќе настапат на ова ЕП, беа во составот и на претходното. Ме радува дека има и млади играчи кои видовме и на последната Европска лига, но и во подготвителниот период, покажуваат голем потенцијал. Среќен сум што и после нас, иако тука влијаат многу фактори, ќе имаме достојни замени. Никола спомена дека и годините го прават своето, но од моја гледна точка, физички можеби не се чувствува таа старост, а акумулацијата на тој умор од набиени натпревари може ќе се почувствува, но перформансите горе-долу се тие. Имаме млади играчи кои достојно може да не заменат и мислам дека со добра организација и добра работа треба да се продолжи по тој пат на градење на репрезентацијата и да се израдуваме и на некој друг поголем успех.“
За либерото Филип Јованов, кој премиерно ќе настапи во националниот дрес на едно ЕП, честта е голема.
„Чест и задоволство е што ќе бидам дел од едно вакво големо натпреварување, особено затоа што претходните три ги следев на малите екрани. Свесни сме за силината на противниците, но и за она што ние го поседуваме како квалитет и тоа дека сме подготвени да го дадеме нашиот максимум. Ќе се бориме за секој поен, секој сет, секој натпревар, не одиме со бело знаме и се надевам ќе ја израдуваме македонската јавност“, заклучи Јованов.
Македонската делегација в понеделник наутро со автобус патува за Софија.